
Македонија храбро зачекори во новиот свет на глобалната правда, станувајќи дел од иницијативата за формирање суд за воени злосторства за Украина. Со голема помпа најавениот нов меѓународен суд за одговорноста за воените злосторства во Украина набрзо ќе се судри со сериозни проблеми во реализацијата на оваа идеја, што се поголеми од оние што државите на европскиот континент може да ги замислат во моментов на еуфорија.
„Се надевав дека фрламе дива мачка на брегот“, ќе изјави Винстон Черчил за неуспешната амфибиска операција. „Наместо тоа, добивме насукан кит“. Тоа веројатно е непосакуваната судбина на новиот европски суд за агресијата во Украина, кој како изгледа никогаш нема да може да одржи судење.
Правните основи на новиот специјален трибунал за злосторство на агресија се едноставни и се засновани на Повелбата на ОН, најблиску што светот го има до темелен документ на меѓународното право. Повелбата поаѓа од тоа дека војните и инвазиите се нелегални и се однесува на злосторства на агресија, освен ако не се одбранбени или овластени од Советот за безбедност на ОН. Целосната инвазија на Русија во Украина не беше ниту едното ниту другото. Затоа, од гледна точка на обвинителството, обвинението за акт на агресија против Путин треба да биде полн погодок. Трибуналот за Украина треба да биде првиот суд во светот што ќе го гони злосторството на агресија по Нирнбершкиот и Токискиот процес по Втората светска војна. И, тука настануваат проблемите. Од една страна, Нирнберг и Токио имаа осомничени на кои требаше да им се суди, додека новиот суд веројатно нема да има ниту еден. Не гледам никаква можност високата команда на Русија да се предаде, или да биде присилена на капитулација. Најмалку да биде окупирана Русија, каков што беше случајот со Германија и Јапонија што ги направи возможни судењата за воени злосторства и им овозможи на обвинителите пристап до досиејата. Новиот Трибунал нема да има пристап до руската документација. Ова е особено важно затоа што осудувањето на руските лидери значи докажување, не само на фактот на инвазија, туку и дека тие извршувале командни функции.
Друг проблем е во природата на судот. Тој ќе изгледа како меѓународен суд, со судница во Хаг што ќе се отвори следната година, комплетирана со панел од 15 меѓународни судии, обвинители и затвор. Ќе биде администриран од Советот на Европа. Но, своите наредби ќе ги прима од Украина, работејќи како продолжение на судскиот систем на Украина. И, повторно тука се отвора главната правна дилема за меѓународниот карактер на овој суд: дали е вистински меѓународен, или национален суд? Зашто вака како што е поставен тешко ќе може да ги апси легалните претставници на власта во Русија, имајќи го во предвид нивниот суверен имунитет. Можеби ќе може да го стори тоа кога ќе ја напуштат власта, но и тогаш ќе биде спорна неговата надлежност, затоа што Меѓународниот кривичен суд прв го обвини Путин. Чудно е и што Советот на Европа дозволува судења во отсуство пред овој Трибунал, практика која е контроверзна од причина што обвинетиот не е таму за да се брани и која државите на Европа ја забрануваат во своите судови.
Кога го знаете сето тоа, останува нејасно зашто европските држави ќе трошат пари за нов суд, игнорирајќи го МКС како меѓународен суд надлежен за злосторството агресија, како едно од четирите основни кривични дела што МКС може да ги гони. Ако кон ова се додаде и бранот на антиинтернационализам сигнализиран од Брегзит, слоганот „Америка на прво место“ на новата администрација на САД, се прашувам како судот ќе ја помири тензијата помеѓу суверената власт на државите и можноста за мирен и праведен меѓународен поредок. Зашто овој бран ги ослабува кревките врски воспоставени со прогресивното проширување на меѓународното право и правдата и одговорноста што тоа ги создаде. Дали оваа нова моќ на нов регионален меѓународен суд сигнализира свет кој го заборава и игнорира светот на суверени држави? Не верувам. Очигледно дека европските држави во целиот процес на формирање на судот не сакаат да ја третираат моќта како нешто што може, не само да ја одврати правдата, туку и да одреди која визија за правда ќе преовладува во глобалниот поредок на државите. Со вакви дилеми и правни ограничувања којзнае дали овој суд ќе може да одржи некое судење. Затоа изгледа како судот да е направен од пропагандно политички причини, а најмалку правни.
Денешните повици за меѓународна кривична одговорност за злоупотреби на човековите права ќе останат недостојни за целосен ентузијазам сè додека моќните остануваат моќни, и се додека сувереноста останува силна брана пред можноста за меѓународна акција. Вистински меѓународен суд кој ќе испорача меѓународна правда останува идеалистичката имагинација, бидејќи е очигледно дека силните и богати нации никогаш нема законски да го наложат сопственото губење на супериорноста и парите – и ниту еден суд нема да се осмели да ги нарече непријатели на човештвото затоа што не го сториле тоа. Но, тоа е сонот за глобална правда, додека правната реалност е сосема друга. Велат дека Европа, формирајќи суд за злосторствата сторени во Украина, ќе покаже ново лидерство за вековните вредности и дека понекогаш одењето по помалку користен пат е она што ја прави целата разлика. Можеби е така, освен ако тој пат не е ќорсокак.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес