СЗО усвои глобален договор за пандемии, но без САД

Земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) во вторникот усвоија историски договор за подготвеност за идни пандемии по епидемијата на ковид-19 во која според неа починаа милиони луѓе меѓу 2020 и 2022 година, но отсуството на Соединетите држави фрли сомнеж врз ефикасноста на договорот.

По три години преговори, Светското здравствено собрание во Женева усвои правно обврзувачки пакт. Земјите-членки на СЗО го поздравија усвојувањето со акламација.

Договорот се смета за победа за членовите на глобалната здравствена агенција во време кога САД ги повлекуваат средствата од мултилатерални организации како што е СЗО.

„Договорот е победа за јавното здравство, науката и мултилатерализмот. Тој ќе обезбеди заедно подобро да го заштитиме светот од идните закани од пандемија“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Пактот гарантира дека лековите, терапиите и вакцините ќе бидат достапни глобално кога ќе се случи следната пандемија. Исто така, се бара од производителите кои учествуваат во договорот да донираат 20 отсто од своите вакцини, лекови и тестови на СЗО за време на пандемијата за да се обезбеди пристап до нив за посиромашните земји.

Сепак, американските преговарачи ги напуштија дискусиите за договорот поради тоа што претседателот Доналд Трамп, откако ја презеде функцијата во јануари, започна 12-месечен процес на повлекување на САД, убедливо најголемиот финансиски поддржувач на СЗО, од организацијата поддржана од ОН незадовелен од нејзиното однесување вотекот на пандемијата и ја обвини за попустливост кон Кина којашто ја смета за одговорна за прикривањето на избувнувањето на заразата и релевантните податоци.

Затоа САД, кои инвестираа милијарди долари во развој на вакцини за време на пандемијата на коронавирусот нема да бидат обврзани со договорот. И земјите-членки на СЗО нема да се соочат со казни ако не го спроведат.

Договорот беше загрозен доцна во понеделник кога Словачка повика на гласање, бидејќи нејзиниот премиер Роберт Фицо, скептичен во врска со брзо изработените вакцини против ковид-19, особено базирани на нестандардната тн „гласничка“ mRNA технологија, побара неговата земја да го оспори усвојувањето на договорот.

Сто дваесет ичетири земји гласаа „за“, ниту една земја не гласаше „против“, а 11 земји, вклучувајќи ги Полска, Израел, Италија, Русија, Словачка и Иран, се воздржаа.

Некои здравствени експерти го поздравија договорот како чекор кон поголема еднаквост во глобалната здравствена заштита откако посиромашните земји останаа без вакцини и дијагностички алатки за време на пандемијата ковид-19.

Овој документ „содржи клучни одредби, особено во истражувањето и развојот, кои, доколку се спроведат, би можеле да го насочат глобалниот одговор на пандемиите кон поголема еднаквост“, изјави за Reuters Мишел Чајлдс, директорка за застапување на политиките во иницијативата „Лекови за запоставени болести“.

Други, пак, проценуваат дека договорот не ги исполнил своите почетни амбиции и дека без силна рамка за имплементација, останува ризикот од неуспех во идна пандемија.

„Тоа е празна школка… Тешко е да се каже дека е договор со цврста обврска каде што има силна обврска… Тоа е добра почетна точка. Но, ќе мора да еволуира“, рече Џан Лука Бурчи, академски советник во Глобалниот здравствен центар при Женевскиот институт за постдипломски студии, независна истражувачка и образовна организација.

Договорот нема да стапи во сила сè додека не се договори анекс за споделување информации за патогените. Преговорите за ова ќе започнат во јули со цел анексот да се достави до Светското здравствено собрание за усвојување, објави СЗО. Западен дипломатски извор посочи дека може да потрае и до две години за да се постигне договор.