Ламине Јамал го продолжи договорот со Барселона до 2031-та

Брилијантниот шпански фудбалер, тинејџерот Ламине Јамал го продолжи договорот со Барселона до 2031 година, објави каталонскиот клуб.

Барса не ги откри финансиските детали од договорот, но шпанските медиуми објавија дека 17-годишниот напаѓач ќе заработува 20 милиони евра по сезона, плус бонуси, што е големо зголемување во споредба со сегашните 1,6 милиони евра што ги добиваше досега.

Барса наводно во договорот вклучила заштитна клаузула од дури милијарда евра.

„Продолжувањето на договорот за Ламине Јамал е уште еден доказ за цврстината на тековниот проект на Барса“, објави клубот.

Јамал пристигна во Барса на само седумгодишна возраст, а дебитираше за првиот тим на 29 април 2023 година, на само 15-годишна возраст.

Досега има одиграно 106 натпревари, постигнато 25 гола и впишано 34 асистенции. За две години со Барселона освои две титули во шпанското првенство, Купот на кралот и Суперкупот на Шпанија.