
Вчера попладне влезе во собраниска процедура, а денеска е на дневен ред на 52-та пленарна седница во Собранието Предлогот на закон за ратификација на Договорот меѓу македонската и владата на Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти. Договорот во име на македонската Влада го потпиша вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на 22-ри мај во Лондон.
Како што се наведува во членот 1, целта на Договорот е да се воспостави партнерство за поддршка на реализацијата на инфраструктурни проекти во областа на здравството, транспортот, технологијата, енергетиката и други критични сектори во Македонија, да се разменуваат знаења и практики, користејќи експертиза – и од владата на Обединетото Кралство, и од британските деловни субјекти – за поддршка на реализација на проектите, пишува Дојче Веле.
Проекти во четири области
Првичната група поекти за спроведување е наведена во Анексот А. Тие се означени како „приоритетни проекти за почетен напредок“ според договорот меѓу владите на двете земји. Истите се однесуваат на четири области: здравство, транспорт, технологија и енергетика. Во здравството се посочени проектите кои ги најави вицепремиерот Александар Николоски.
„Програма за обновување и реконструкција на болници, вклучувајќи болници во Штип и Кичево, Универзитетски клинички центар и градски болници во Скопје, болници во Куманово, Битола, во регионот Тетово -Гостивар и регионот Охрид – Струга“, се наведува во Анексот А.
Во областа на транспортот се наведени два проекта. Првиот е брза железница долж Коридорот 10, којашто ги поврзува Табановце и Гевгелија/Богородица, главниот град и аеродромот во Скопје. Вториот проект е Програма за развој на транспортниот Коридор 8.
Во областа на технологијата ќе се спроведува Програма за развој на капацитетите за сајбер безбедност и дигитална трансформација на Владата.
Клучниот проект
Во областа на енергетиката се наведува дека е планиран развој на капацитетите на Македонија за производство и пренос на електрична енергија. Иако не е наведено низ каков проект ќе се развиваат тие капацитети, премиерот Христијан Мицкоски пред два дена обелодени за што се преговара.
„Единствено нешто за кое преговараме, и мислам дека е добро да се направи од стратешки аспект – е изградбата на системот хидроелектрани Чебрен и Галиште и една помеѓу нив, Орлов камен. Планираме тоа да го работиме со парите од британскиот заем“, најави Мицкоски
Посочи дека инвестицијата е 1,2 до 1,3 милијарди евра и дека е важна не само од аспект за производство на електрична енергија.
„Прво, имајќи ги предвид климатските промени, за идните генерации потребни се уште два нови резервоара за вода, затоа што знам дека тоа ќе биде голем предизвик во иднина. Второ, убеден сум дека овие два резервоари за вода заедно со постојната акумулација Тиквеш, ќе обезбедат дополнителни количина вода за Тиквешко поле, за 55-60 илјади хектари“, образложи премиерот.
Според него, тие две акумулации ќе придонесат ненаселениот предел на Мариово да заживее и во него да биде поттикнат развој на туризмот, со оглед дека приватни инвеститори покажуваат интерес во таа насока.
Тој посочи дека овој стратешки проект нема да заврши во мандатот на една влада, но е проект којшто треба да донесе голема додадена вредност во државата. Станува збор за еден од најголемите енергетски проекти во земјата на кој се чека три децении, кој пак доживеа 14 неуспешни тендери. Тој би имал клучна улога во енергетската транзиција, помагајќи во намалување на производството од јаглен и поддржувајќи обновливи извори на енергија.
Ограничено на пет милијарди фунти
Според членот 3 од Договорот, учесниците во него ќе работат заедно за да ги истражат можностите за мобилизирање на финасирање за приритетните проекти наведени во Анексот А. Владата на Обединетото Кралство во Договорот го потврдува интересот и капацитетите на Инструментот на Обединетото кралство за финасирање на извозот (UKEF) за обезбедување поддршка на приритетните проекти, под услов да ги исполни правните, политичките финансиските и други барања за задолжителна проверка и одобрување, земајќи ја исто така предвид и неговата политика за преземање ризик за вакви проекти во моментот на разгледување на истите.
„Потенцијалната поддршка од Инструментот на Обединетото Кралство за финасирање на извозот (UKEF) ќе зависи од кумулативната сума на изложеност на кредитен ризик на UKEF за проектите во Република Северна Македонија, која не смее да го надмине тековното ограничување од пет милијарди фунти“, се вели во текстот.
Предвидено е секоја измена или ревизија на текстот на Договорот да биде во писмена форма а по одлука на двата учесника, што ќе влезат во сила по нивното потпишување. Во членот 7 се наведува дека Договорот останува во сила 10 години, а може да биде прекинат со писмено известување доставено од едниот учесник до другиот учесник во Договорот, најмалку 60 дена пред планираниот датум на прекин.
„Прекинот на овој Договор нема да влијае на проектите што се во тек“ се вели во текстот на Договорот.