
Веќе ништо не остана во што можеме да се колнеме и што може да не’ обединува. Се беше погазено – знамето, името, историјата, идентитетот. Тешко да остана вредност достојна на нашата лојалност и нашето единство. И, сепак, Премиерот Христијан Мицкоски од Охрид по кој знае пат повика на национално единство и обединетост во однос на најважните прашања за државата, за да се надминат партиските поделби пред надворешните фактори, а власта и опозицијата да почнат да делуваат единствено. Го разбирам повикот за обединување како повик за акција, сега кога општествените тензии метастазираа во опасен партиски примитивизам и исклучивост, кој сериозно ја загрозува демократијата и иднината на Македонија. Но, тешко ми е да поверувам дека е можно обединување кога луѓето сеуште не ги напуштило чувството на предавство и измама и кога сеуште не се спремни да ги премостат овие поделби и да изградат нов пат напред. Сакам да верувам дека е можно да се работи заедно, да се одржи функционална демократија и да се решат итни политички проблеми на земјата. Но, реалноста секогаш ме разубедува во тоа. Зашто она што ја дели нашата нација оди многу подлабоко од политиката денес. Ако некој не верува дека тоа е така нека го погледне одговорот на опозицијатаа на повикот за македонско обединување, Молк. Игнорирање. И, секогаш е така. Зарем може да се очекува оние што манипулираа со бугарските летоци во деведесетите, оние што ја гетоизираа државата, го продадоа името, историјата, оние што не обезличија како нација да се обединат околу идејата за Македонија? Кога имате луѓе отруени од омраза не очекувате дека ќе сакаат за доброто на државата да работат со оние кои до недомна беа и остануваат предмет на таквата омраза.
Во Македонија поделбата меѓу нас не е толку едноставна како за кого гласавме, или каде припаѓаме на политичкиот спектар. За некого тоа може да биде само мислење, но за многумина тоа е очигледно непочитување и омраза кон самото свое национално битие. Луѓето од самонаречената „државотворна“ политичка група во македонското општество отсекогаш биле остро свесни за нивниот наследен општествени статус, чувствувајќи се супериорни во однос на другите, во обид на тој начин да го одржат своето чувство за самодоверба во променетиот политички систем по независноста на државата. Преку повикот за национално обединување се предизвикува нивниот однапред перцепиран општествен статус и се рушат одредени сереотипи кои ги поддржуваат нивните вродени предрасуди и негираат непријатни факти за нивната улога во историјата на оваа држава. Тоа е таа несреќна ситуација во која не можете да очекувате повикот за обединување да се акомодира во оној дел на идеолошки мозочно мртвата Македонија, но, се чини дека така функционираат умовите на политичката група на која се обраќа Премиерот Мицкоски. Секако, има многу повеќе од она што е споменато овде, но повикот за обединување очигледно не е начинот ваквата номенклатура на луѓе да се натераат да засакаат нешто што историски безпричински го мразат.
Политичката поларизација во Македонија со претходната власт достигна невидени нивоа, што се гледа од острата поделба при гласањето, медиумите, па дури и социјалните интеракции меѓу граѓаните. Задачата што Премиерот ја поставил пред оваа влада е да се испита дали и како оваа поделба може да се излечи, трансформирајќи ја државата во помалку поделена нација, а воедно признавајќи ја и почитувајќи ја нејзината вродена разновидност. Ова бара длабоко нурнување во потеклото на поларизираната политика, разбирање на нејзините манифестации и дискутирање за изводливи решенија што би можеле да го премостат растечкиот јаз меѓу различните идеолошки фракции. Но, што ако нема заедничка основа за поврзување и ги напуштиме дискурзивните можности чувствувајќи се очајни и огорчени од неспособноста да се обединиме? Што ако нашите обиди за наоѓање прагматични решенија околу кои би постигнале единство се покажат како залудни и обесхрабрувачки? Што ако обидот да се стави единство врз поделбата ги влоши работите? Што ако, пред да стигнеме до единство, мора да постигнеме разбирање? Многу што, одговор нема. А, можеби има, само треба да го анализираме однесувањето на „државотворната“ партија во независна Македонија последниве триесет години. И, ќе констатираме дека кај нив никогаш немало желба за обединување, затоа што поинаку ја доживуваме и живееме за Македонија.
Можеби најважната лекција научена од општествата во транзиција околу можноста за национално обединување е вредноста на утврдувањето на вистината за минатите неправилности и добивањето јасно артикулирано јавно признание за таквата вистина. Соочување со вистината секогаш е болна за оние кои живееја и живеат со своите минати и сегашни предавства и својот авторитарен генетски код, метастазирајќи го здравото македонско ткиво. Вистината не смее да биде заборавена. Не гледам како оваа власт може да работи на заеднички државнички цели со своите „идеолошки непријатели“, додека има потиснат гнев за предавствата на нацијата и постоењето политички затвореници кои се спротиставија на идејата за продажба на името на државата и нејзино идентитетско обезличување. Затоа сум скептик дека во моментов обединување со нив е можно, зашто не можам да видам наративи што нè обединуваат и поврзуваат, освен омразата што ја носат. Наивно и, за жал, не е реално и можно семакедонско обединување. Можеби во некоја друга иднина на која нема да припаѓам. Зашто сега ниту сакам да простувам, ниту сакам да заборавам.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес