Средба меѓу Путин, Трамп и Зеленски нема да се случи во блиска иднина

Рускиот претседател постојано ја изразува својата подготвеност за контакти на највисоко ниво, „нагласувајќи дека тие контакти треба да произлезат од договори развиени на техничко ниво, на експертско ниво, истакна Дмитриј Песков.

Трилатерална средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин, американскиот лидер Доналд Трамп и украинскиот претседател Владимир Зеленски е малку веројатна во блиска иднина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека ваквите контакти мора да произлезат од технички договори.

„Па, искрено кажано, малку веројатна во блиска иднина“, им рече тој на новинарите коментирајќи ја изјавата на Белата куќа за отвореноста на Трамп за таква трилатерална средба.

Путин постојано ја изразува својата подготвеност за контакти на највисоко ниво, „нагласувајќи дека тие контакти треба да произлезат од договори развиени на техничко ниво, на експертско ниво“, истакна Песков.

„Затоа претседателот Путин ја поздравува идејата за контакти, иако верува дека тие треба да бидат добро подготвени“, рече тој.

Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Ливит, претходно им изјави на новинарите дека Трамп е подготвен да се сретне со Путин и Зеленски, но би претпочитал билатерални мировни разговори меѓу Москва и Киев. Таа одби да ја оцени тековната рунда директни руско-украински разговори во Истанбул, велејќи дека претседателот Трамп ќе коментира подоцна.

Втората рунда директни разговори меѓу Русија и Украина се одржа во Истанбул на 2 јуни. Средбата траеше малку повеќе од еден час, а двете делегации комуницираа на руски јазик.