Новиот либерален претседател на Јужна Кореја ветува економски подем

Јужна Кореја во средата се разбуди со новиот либерален претседател, Ли Џае-мјунг, кој вети дека ќе ја изведе земјата од политичката криза и ќе ја оживее нејзината ослабена економија.

Победата на Ли на предвремените избори во вторникот е навестување на промена во четвртата најголема економија во Азија по шестмесечните превирања предизвикани од шокантната воена состојба што накратко ја воведе поранешниот претседател Јун Сук-јеол.

Со пребројани сите гласачки ливчиња, Ли освои 49,42 отсто од гласовите, победувајќи го конзервативниот ривал Ким Мун-сун, кој освои 41,15 отсто, соопшти изборната комисија.

Шеесет иедногодишниот поранешен адвокат ги нарече изборите „судниот ден“ за воведувањето на воената состојба на Јун и неговата Партија на народната моќ, која не го спречи во тоа.

„Првата цел е решително да се надмине бунтот и да се обезбеди дека никогаш повеќе нема да има воен удар со пушки и мечеви вперени во народот“, рече Ли во говорот пред парламентот.

Ли беше прогласен за претседател од претседателот на изборната комисија во средата наутро по локално време и веднаш ги презеде должностите претседател и врховен командант на војската.

Се очекува неговата инаугурација во парламентот да се одржи во рок од неколку часа од официјалната потврда.

Ли вети дека ќе ги зголеми инвестициите во иновации и технологија, а воедно ќе ги зголеми субвенциите за семејствата со средни и ниски приходи.

Се очекува тој да биде попомирлив кон Кина и Северна Кореја од неговиот претходник и вети дека ќе ги продолжи блиските односи со Јапонија.