
Интер во саботата објави дека во своите редови го донел бразилскиот напаѓач Луис Енрике Томаз де Лима од францускиот вицешампион Олимпик Марсеј.
Иако времетраењето на договорот и финансиските детали не беа откриени, италијанските медиуми објавија дека 23-годишниот напаѓач потпишал договор до 2030 година вреден 23 милиони евра, плус дополнителни два милиона евра за евентуално продолжување.
Енрике ја започна својата кариера во бразислки Ботафого пред да потпише за Марсеј во 2020 година. Постигна 11 гола во 108 настапи за францускиот клуб од кои девет во сезоната 2024/25, кога Марсеј заврши втор во Лига 1.
Интер, кој беше поразен со 5:0 во финалето на Лигата на шампионите од Пари Сен Жермен минатиот месец и заврши втор во италијанската лига зад Наполи, се натпреварува на Светското клупско првенство од 14 јуни. Ќе го игра својот прв натпревар против мексиканскиот Монтереј на 17 јуни, по што следат два натпревара во Сиетл против јапонскиот претставник Урава Ред Дајмондс и аргентинскиот Ривер Плата.