
Периодот на посткомунизмот во Македонија е дефиниран со напори за контрола на колективната меморија, политички дискурс доминиран од апстрактни концепти, дилетантизам и култ на одрекување. Македонското општество е заглавено помеѓу крајноста на завладување со минатото и слепа резигнација. Процесот на премин од сеќавање кон заборав на историјата во Македонија е сложен. Политичките групи што се стремат да ја контролираат меморијата кај нас дури не се обидуваат да му наметнат на општеството контрадикторни верзии од минатото. Едноставно, вистината за минатото е нивната наметната деформирана верзија и самоамнезија, како начин на изолација на граѓаните од вистината за тоталитарното минато во Македонија. Амнезијата е трагедија; самонаметнатата амнезија е сериозна грешка и погубна за демократијата. Затоа Македонија ја возат на ролеркостерот на историјата кој како сака и кој како стигне и може.
Набрзо по падот на комунизмот во Македонија стана очигледно дека елементи од старите времиња останаа активни низ промената. Инфилтрацијата на минатото во промените беше нашата објективна реалност со која се соочивме по независноста на државата. Видовме како крајно сомнителни ликови од комунистичкото минато се вратија на позиции на моќ, затоа што новите услови им одеа во прилог. Дозволивме, низ годините, старото дезинтегративно да опстојува во новото. Очигледно дека во Македонија луѓето од старата номеклатура ја исполнија својата функција како пренесувачи на историското знаење, овладувајќи со меморијата за минатото. Искуствата стекнати под комунистичкиот режим наместо да се обезвреднат низ процесите на декомунизација на македонското општество, се покажаа како неисцрпена резервоар на лажно креирани сеќавања за тој режим. Затоа Македонија требаше да се одржува како аморфно општество со безлична политика, нестабилна економија, хаотична алтернатива помеѓу редот и нередот и апатија, за да се направи неспособна да се соочи со комунистичкото минато и да се помири со него.
Земјата е мачена од посткомунистичкиот кошмар дека не успева да создаде услови за повеќе или помалку нормален живот за сите општествени слоеви. Зарем можеше поинаку кога старата номенклатура на тајните служби и нивните соработници станаа ударна тупаница на новата рециклирана комунистичка партија во Македонија-социјалдемократи. Некои членови на тајната полиција останаа на своите позиции. Други ја искористија предноста на распродажбата на државниот имот што дојде со распаѓањето на централно планираните економии и сега се моќни играчи. Трети влеоа во политиката заземајќи централни позиции во власта низ годините на транзицијата. Иако секаде низ државите на поранешниот комунистички блок е обновен напорот за разоткривање на континуираната улога на безбедносните служби и за искоренување на поранешните полициски агенти и соработници, кај нас тој процес никогаш не беше завршен. Обидот со отворањето на досиеајата на бившите идеолошки соработници на тајната полиција и лустрацијата беа сатанизирани и спречени од оние што не дозволуваат да се фрли светлина на темното минато на македонскиот комунизам, или како што милуваа да го нарекуваат „социјализам со човечки лик“. Изгледа невозможно е да се разјасни минатото сè додека сите заинтересирани страни не исчезнат од теренот.
Во Македонија се добива впечаток дека некое време немало историја. Како да го изгубивме чувството за време. Намерно бевме насочувани да забораваме што се случило кога, што се случило порано, а што подоцна, предавајќи се на чувството дека тоа прашање навистина и не е толку важно. Во Македонија исчезна текот на историските настани, нивниот континуитет; сè се спои во единствената сива слика на еден историски циклус во кој како ништо да не се случувало. Македонија никогаш не го дискредитира стариот режим, поради што остане привлечен и денес, со последици по легитимитетот на новиот. Старата номенклатура од комунизмот никогаш не го доживеа неговиот распад заедно со распадот на сопствените кариери. Можеби затоа кај нас немаше „враќање кон историјата“, кое го направија сите засегнати земји од поранешниот комунистички блок кои, очигледно, имаа значителни тешкотии во повторното регулирање на нивното повикување на минатото, без да се предадат на искушението да ги мистифицираат старите времиња, или да го „екстратериторијализираат“ периодот на комунистичкото владеење. Поточно, да го остават настрана, или дури и да го избришат од колективното сеќавање овој период на својата историја.
Нашите историски расцепи не беа доволна можност критички да се потсетиме на сопственото вклучување во историјата, поттикувајќи појавување на нови легенди и митови за старите комунистички времиња. Ние едноставно го избришавме од историското сеќавање овој период на комунистичкото минато на Македонија. Затоа и никој веќе не зборува за жртвите на тој режим. Самоамнезијата станува погубна за македонското општество. И за крај, да прашам: До каде се обештетувањата на кодошите на поранешниот режим кое го најави поранешниот Премиер Заев? Оние кои „пропатија“ од килавиот и незавршен процес на лустрација. Зарем сеуште не ја побарале правдата како жртви на една историска пост тоталитарна патологија, за која не успеавме да обезбедиме лек. Дајте да помогнеме, зашто жртва си е жртва, па макар била кодошка. Оние другите, вистинските жртви на комунистичкиот режим ќе почекаат. Барем тоа научија во демократијата, ако се се уште со нас.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес