
Францускиот фудбалер Рандал Коло Муани, кој е позајмен во Јувентус од ПСЖ, ќе игра за клубот од Торино на Светското клупско првенство, кое започнува за една седмица во САД, објави во вторник директорот на „Старата дама“, Дамијан Комоли.
„Со задоволство објавувам дека постигнавме договор со ПСЖ за продолжување на неговата позајмица до крајот на Светското клупско првенство“, рече Комоли на прес-конференција.
Двесет ишсетгодишниот Коло Муани пристигна во Јувентус во јануари и постигна осум гола во 16 лигашки натпревари за клубот од Торино.
„Што се однесува до можна позајмица за сезоната 2025/26, сè уште не сме постигнале договор со ПСЖ, но сум оптимист“, додаде Комоли.
На Светското клупско првенство во САД, Јувентус ќе игра во групната фаза против Манчестер Сити, мароканскиот Видад и Ал-Аин од Обединетите Арапски Емирати.