ВИДЕО| Македонски железници: Создаваме подобри услови за работа

Македонски железници АД, објави видео во кое се леда како халата во која се поправаат локомотивите, а која со години била запуштена, доби нов лик.

„Создаваме подобри услови за работа“…

„Заеднички и одговорно, ќе го вратиме сјајот и духот на македонските железници и ќе изградиме современ систем на модерна и европска железница“, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Македонија се соочува со предизвици во обновата на инфраструктурата и модернизацијата на возниот парк. Периодов активно се работи на подобрување на услугите за граѓаните и зголемување на безбедноста и ефикасноста на железничкиот транспорт.

Веќе течат подготовките за најголемиот инфраструктурен проект во регионот, односно започнување постапка за обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот брза пруга.

Проектот брза пруга Табановце-Гевгелија ќе чини од 1,7 до 2 милијарди евра и ќе биде најголем поединечен проект во Македонија. Новата брза пруга ќе биде со нови возови, локомотиви и целосно модернизирана и реконструирани железнички станица во Скопје и реконструирани станици низ Македонија.

Со брзата пруга предвидено е патнички сообраќај да биде до 160 км на час, а товарниот сообраќај до 120 км на час. Граѓаните ќе можат да патуваат за час и пол до Солун, 4 до 5 часа до Виена.

Со поддршка и следење на британските и европските стандарди овој проект е од големо значење и ќе ја подобри безбедноста во железничкиот сообраќај. Брз и ефикасен железнички сообраќај од граница на Србија до граница на Грција. Делницата Табановце – Гевгелија ќе се скрати од 235 км што е моментално, влез излез од државата, се планира да биде 200 и под 200 км.