Фокус на средбата беше економска соработка и зголемување на трговската размена, вели Муцунски

Министерот за надворшени работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска го примил на средба амбасадорот на Република Албанија, Денион Мејдани.

На средбата, како што објави на неговиот фејсбук профил Муцунски, разговарале за важноста од интеграцијата на регионот во Европската унија, нагласувајќи дека успешното заокружување на европската перспектива на земјите од Западен Балкан ќе придонесе за зајакнување на регионалниот развој, стабилност и безбедност.

– Заеднички ја реафирмиравме нашата заложба како соседни земји и НАТО-сојузнички да продолжиме со интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес, напиша Муцунски.

Во фокусот биле и можностите за унапредување на билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка, зголемување на трговската размена и реализација на инфраструктурни проекти што ги поврзуваат нашите граѓани.

Муцунски на ФБ објави дека на средбата биле разменети мислења и за актуелни регионални и меѓународни прашања од заеднички интерес.