Населбата Стаклара во општина Кисела Вода конечно ќе добие чиста вода за пиење, откако започна реализацијата на проектот за изградба на водоводна мрежа – мега проект што жителите го чекаа повеќе од 50 години.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека станува збор за изградба на водоводна мрежа во должина од околу 6 километри, што ќе се реализира во две фази. Првата е поддржана од Министерството за животна средина преку Европската инвестициона банка, додека втората ќе се реализира со средства од буџетот на општината.
„Работа и само работа, а не празни флоскули е она што нас нѐ одликува, а кога се работи чесно за народот, резултатите се очигледни.
Чест ми е да ве информирам, почитувани мои, дека после поставувањето на фекална мрежа со што решивме децениски проблем, започнуваме со решавање на уште еден најгорлив – а тоа е овие населени места да добијат чиста вода за пиење, после половина век. Се работи за поставување на водоводна мрежа од околу 6 километри, во кој проект учествува Министерството за животна средина преку Европската инвестициона банка во првата фаза, додека општина Кисела Вода со свои средства ја реализира втората фаза. Согласно динамиката на работа во реализацијата на проектот, ќе се изгради пумпна станица и потисен цевовод до резервоар, како и главен цевовод низ населбата. Ова исто така значи дека и по завршувањето на градежните активности, го затвораме поглавјето со подземна инфраструктура и конечно, после 50 години, Стаклара ќе биде последното место без соодветно водоснабдување. Потоа, следува и асфалтирање на сите улици, со што Стаклара од една заборавена населба ќе стане уште една гордост на Кисела Вода. Сакам да се заблагодарам на премиерот Христијан Мицкоски за неговите заложби за единиците на локалната самоуправа и неговиот напор за поразвиени општини, напиша
Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил.