
Состојбата на руско-украинскиот фронт додатно се вжештува. Интерактивните мапи, на релевантите институти во светот, јасно покажуваат дека руската армија е во офанзива. Настапува по должината на целиот фронт. Дополнително, таа навлезе на украинска територија во Сумската област, од каде украинската армија го изврши непромислениот пробив во длабочината на руската територија. Во моментов се калкулира дека Русите имаат освоено околу 200 квадратни километри територија, во оваа област. Челните единици се наоѓаат на околу 25 километри од градот Суми. Не помалу значаен е и фактот дека руското минситерство за одбрна објави информација за навлегување на руските сили и во Дњепетровската област. Таа не спаѓа во териториите кои Русија ги смета за свои и сака целосно да ги стави под своја контрола. Оваа информација Украина се уште не ја потврдува, додека на интерактивните мапи, сеуште се оцртани руските позиции на самата граница на оваа област. Како и да е, евентуалното напредување на руските сили, доколку е донесена таква одлука, дополнително ќе ги загрози украинските позиции. Оваа област е ретко населена равница, која е погодна за брзо движење на војските. Истовремно, таа е најголемиот индустриски центар на Украина. Секое нарушување на безбедноста во овој регион ќе има негативни ефекти врз и онака слабата украинска економија.
Намерите на рускиот државен врв се јасни. Отварањето на два нови фронта значат отворен притисок врз Украина да прифати мировни преговори, согласно руските желби. Размената на меморандуми помеѓу двете страни за време на последните преговори во Истанбул, во кои беа набележени условите за започнување на мировните преговори, согласно желбите на двете страни, во моментов се мртво слово на хартија. Усогласената размена на заробеници, како и болни и тешко ранети војници, сега за сега оди спроред предвидениот план. Размената на телата на загинатите војници, по некоку дневен застој започна. При ова Украина одбиваше да ги прифати своите загинати војници, повикувајќи се на техникалии. Изненадувачки, но за жал, вистинито. Едноставно не очекуваше, по трет или четврт пат, Русија безпоговорно да ги исполни договорените услови. Евидентен доказ за недостаок на добри познавачи на руската политика, во врвот на државата, но и голем степен на анимозитет и недоверба. Погубни фактори за водење на успешна надворешна политика.
Во неможност да се спротивстави на руските воени, но и надворешно-политички потези, украинскиот државен врв се одлучува на напади во длабочината на руската територија. Оштетувањето на две железнички линии, како и нападот врз руска база каде се сконцетрирани руските стратешки бомбардери, се добро осмислени и одработени воени акции. Тие успеваат да го подигнат моралот на Украинците, да ги покажат слабостите на руската одбрана, но во суштина ништо не менуваат. Војната ја добива пешадијата, а не воените летала. Играњето на картата за евентуален жесток руски одговор, кој би довел до загинување на голем број укарински цивили, е дел од оваа стратегија, но без резултати. Историјата на руската надворешна политка, сеедно дали е мирољубива, или насила, укажува на беземотивност. Таа нема да влезе во замка за масовен неселективен напад за да се освети, ризикувајќи да го наметне врз себе гневот на американската администрација. Дополнително, украинската страна се чини го занемарува фактот дека Москва и Вашингтон се во постојан контакт. Нешто што го потврдија и Кремељ и Стејт Департментот.
Паралено со работните контакти на двете страни, во моментов, претседателот Трамп, но и неговите советници, одбегнуваат да даваат јавни изјави. Едноставно создаваат впечаток на незаинтересираност. Целата иницијатива ја препуштија на Турција. Ова е тактички потег! Претседателот Трамп со изјавата да ги оставиме малите деца да се тепаат уште малку, всушност дозволува Русија дополнително да ги зајакне своите позиции. Истовремено, со одлуката 20.000 против-ракетни мини, наместо на Украина да му се дадат на Израел, упатува јасна порака до украинскиот државен врв. Дополнително, министерот за одбрана во сослушување пред соодветниот одбор на американскиот когрес јасно стави до знаење дека буџетот за помош на Украина за 2026 година ќе се намали, согласно американската политика за мирољубиво решавање на конфиктот. Паралено со овие потези „молкот“ на американската администрација, треба да се толкува и како порака до некои од европските сојузници. САД нема да бидат пречка во реализацијата на нивната политика кон Украина, но и одговорноста нема да биде заедничка. Кажано поинаку, на САД во овој момент Русија им е важен партнер за евентуално решавање на иранската нуклеарна програма. Дополнително, долгорочно, САД во Русија гледаат и партнер за развој на економската соработка. Се разбира, соработката во зоната на Артикот во ниеден момент не смее да се превиди. Нешта кои европските сојузници не можат да ги понудат, посебно во однос на Иран и Артикот. Честитката на државниот секретар Рубио објавена на веб страницата на Стејт Департментот, по повод Рускиот ден, како и кусата средба на претседателот Трамп со новоименуваниот руски амбасадор, се’ повеќе од јасен знак во кој правец се движи политиката на САД кон Русија.
За воља на вистината, во моментов и во главните градови на поголем број на европските држави, во однос на Украина, владее молк. Гласно најавената „иницијатива на вољата“ е подзаборавена. Јасната порака на поголемиот број на европски земји дека не се подготвени да испратат свои војници во Украина, како подршка на евентуалното примирје, без учество на САД, ги остави Франција и Велика Британија осамени. Се разбира доколку не се смета Црна Гора, но тоа е друга приказна. Обидите на германскиот канцелар да ја преземе лидерската позиција во подршката на Украина, тешко одат. Неговите најави за нова помош на Украина, со долгострелни ракети, како и заеднички вложувања за производство на украински дронови, делуваат безидејно.
Друго и исклучително важно прашање е фактот дека во моментов, ниту Брисел, ниту големите европски сили, не отстапуваат од идејата за милитаризација на своите економии. Од само на нив познати причини, тие играјќи на картата за развој на сопствените економии, преку вложувања во војската и одбраната, всушност влегуваат во отворена трка во вооружувањето со Русија. Изјавата на Генералниот секретар на НАТО, дадена изминатиов понеделник дека буџетот за возушна одбрана на оваа органзиација, треба да се зголеми за 400% е надвор од здравиот разум. Посебно што таа беше пропратена со дополнување дека доколку тоа не се случи Европејаните треба да почнат да го учат рускиот јазик. Според Руте, Русија за 5 години ќе биде подготвена за војна со НАТО. За да нема недоразбирање, Генералниот секретар, не зборува туку така. Тој едноставо сака да го придобие јавното мнение на Европа на страната на милитаризацијата. Вистината е сосема друго нешто. Началникот на британскиот генерал штаб два дена по оваа изјава, на сослушување во Долниот дом на парламентот јасно кажа дека Русија ниту има намера, ниту има капацитети да влезе во војна со НАТО. Италијанскиот министер за одбрана коментирајќи ја истата изјава едноставно избегна директно да ги потврди зборовите на Руте велејќи „…Ние сигурно нема да одиме во војна. Тоа што ние треба да го избегнеме е војната да дојде до нас…“. Блиска на оваа позиција е и позицијата на Шпанија. Таа не се спротивставува на предлогот за зголемување на буџетите за одбрана на земјите членки на НАТО, но јасно става до знаење дека тоа нема да го направи. Едноставно не се чувствува загрозена.
Прерано е и неодговорно би било да се тврди дека намерата на Путин за нарушување на транс-атланското единство започнува да дава резултати. Сепак, сликата не изгледа розево. Европските лидери се помалку и помалку зборуваат во ист глас. На површина се појавуваат се’ поголем број на нијаси тешки за следење, но и целосно разбирање. Од тука, не треба да зачудува што про-владиниот грчки „Катемерини“ во коментар ја предупредува владата да заземе повоздржана позиција во однос на Украина. Политичка поддршка на Украина да, но не и натамошно антагонизирање на Русија.
Република Македонија и до сега не се „истакнуваше“ со своите анти-руски дејствија. Премногу е мала и слаба за вакви „утакмици“. Таа политика требе да продолжи. Морална, хуманитарна, па ако се може, и материјална помош требе да и се пружа на Украина. Украина е држава со која сме имале и ќе имаме пријателски односи. Тоа не треба да биде предмет на дискусија! Натамошното антагонизирањето на Русија го симнавме од дневен ред со подршката на предлог резолуцијата, на САД, која беше усвоена во Советот за безбедност. Сега за сега, доволно од наша страна!
Автор: Јован Донев за НетПрес