
Семејствата на починатите и повредените во трагедијата во „Пулс“ в сабота, 14 јуни излегуваат на десетиот по ред протестен „Марш за ангелите“.
За правда за своите деца ќе маршираат по предвидената маршрута, од Паркот на револуцијата во Кочани, преку Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани од каде ќе се упатат кон полициската станица и пред зградата на основниот суд и обвинителство во Кочани.
Маршот ќе започне во 18:05 минути, време кое симболично ја претставува задоцнетата институционална реакција.
-Ве известуваме дека „Маршот за ангелите“ единствено е организиран од семејствата на починатите и повредените во пожарот во Кочани и ги замолуваме сите граѓани да го почитуваат ова и да не се приклучуваат доколку целосно не го прифаќаат и поддржуваат маршот и неговата реализација, стои во писменото известување испратено до медиумите.