
Кошаркарите на Оклахома Сити Тандер ги победија Индијана Пејсерс со 111:104 во четвртиот натпревар од финалето на НБА лигата синоќа и го израмнија резултатот на 2-2 во серијата до четири победи.
Најкорисниот играч на сезоната, Шаи Гилџеус-Александер, кој постигна 35 поени, ги предводеше Тандер до победа.
Тандер заостануваа седум поени во последната четвртина, но во последните три минути имаа серија од 12:1 за на крајот да го добијат тој дел од натпреварот со 31:17 и да ја забележат победата.
На помалку од четири минути до крајот на натпреварот, Пејсерс водеа со 101:97 пред Гилџеус-Александер да ја преземе контролата. На две минути и 23 секунди до крајот, Гилџеус-Александер постигна кош со чекор наназад преку Арон Нисмит и им го донесе на Тандер првото водство во второто полувреме од 104:103.
МВП-то на НБА сезоната постигна 13 поени во остатокот од натпреварот, погодувајќи ги двата обида од поле и сите осум слободни фрлања прдводејќи го својот тим до победата.
„Ја покажавме целата наша волја, се боревме да останеме во играта во третата четвртина, тоа беше клучот. Тие имаа ветер в грб, ние игравме лошо. Ќе беше лесно да се предадеме“, рече тренерот на Тандер, Марк Дејњо, на прес-конференција.
Но Индијана играше лошо во последните минути од натпреварот, постигнувајќи го својот последен кош во натпреварот на 3,20 минути до крајот.
„Нашиот напад почна да стагнира. Повеќе не можевме да фаќаме скокови, стана тешко да се влезе во ритам“, рече тренерот на Индијана, Рик Карлајл, за клучниот момент од натпреварот.
Џејлен Вилијамс, исто така, пружи одлична игра за Тандер, завршувајќи со 27 поени и седум скокови. Тој погоди 11 од 11 слободни фрлања. Алекс Карусо додаде 20 поени и пет украдени топки.
Оклахома Сити погоди 34 од 38 (89,5 отсто) слободни фрлања, но само три од 17 обиди за тројки (17,6 отсто).
Тандер не погодија помалку од седум тројки во ниту еден натпревар за време на регуларната сезона 2024-25 или плејофот.
Паскал Сиакам ги предводеше Пејсерс со 20 поени, започнувајќи одлично со 10 поени и четири украдени топки во првата четвртина. Тој заврши со 6 од 15 обида од поле со пет украдени топки и осум скока. Тајрис Халибартон додаде 18 поени и седум асистенции, додека Оби Топин имаше 17 поени од клупата на Индијана.
Серијата сега се сели во Оклахома за петтиот натпревар во понеделник пред да се врати во Индијана за шестиот натпревар во четврток.