
Рускиот претседател Владимир Путин во саботата разговараше телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп кој траел 50 минути, осудувајќи ја воената операција на Израел против Иран и изразувајќи загриженост за ризикот од ескалација, соопшти Кремљ.
„Владимир Путин ја осуди воената операција на Израел против Иран и изрази сериозна загриженост за можната ескалација на конфликтот, што би имало непредвидливи последици за целата ситуација на Блискиот исток“, изјави советникот на Путин, Јуриј Ушаков, за новинарите.
Трамп, од своја страна, ги опиша настаните на Блискиот исток како „многу алармантни… Но, двајцата челници рекоа дека не ја исклучуваат можноста за враќање на преговорите за нуклеарната програма на Иран“, додаде Ушаков.
Трамп му рече на Путин дека американските преговарачи се подготвени да продолжат со разговорите со иранските претставници, објави Кремљ.
Малку претходно во саботата, Министерството за надворешни работи на Оман, земјата посредник, објави дека американско-иранските преговори закажани за в недела во градот Мускат, се откажани, откако Техеран известил дека не гледа смисла за продолжување на преговорите по израелскиот напад врз Иран од петокот поддржан од САД
Што се однесува до Украина, Путин му рекол на американскиот колега по должност дека Русија е подготвена да ги продолжи преговорите со Киев, а Трап повторил дека е заинтересиран за брзо завршување на војната.
„Руската страна изрази подготвеност да ги продолжи преговорите со Украинците, како што е договорено, по 22-ри јуни. Доналд Трамп ја зеде предвид оваа информација и уште еднаш го истакна својот интерес за брзо завршување на руско-украинскиот конфликт“, рече Ушаков додавајќи дека Путин му го честитал на Трамп неговиот 79-ти роденден.