Зеленски тврди дека украинските сили го запреле напредувањето на руската армија во Сумскиот регион

Украинскиот претседател Володимир Зеленски увериваше во саботата дека украинските сили наводно го запреле руското напредување во североисточниот регион Суми и дека сега се водат борби на границата за враќање на контролата врз областа.

Според Зеленски, Москва распоредила околу 53.000 војници во регионот, што не кореспондира со проценките на воените аналитичари кои потсетуваат дека Русија својата инвазија по фронтот долг речиси 1.200 километри ја започна со 90.000 војници и успеа да дојде до пред Киев, Харков и во Запорошката област од каде подоцна се повлече по неспроведениот договор од Истанбул од мар 2022 година или беше потисната.

„Ги зајакнуваме линиите. Борбите се водат по должината на границата. Непријателот е запрен таму. Најдлабокото место до кое продреле е седум километри од границата“, рече Зеленски.

Агенцијата Reuters истакнува дека не можела независно да ги потврди таквите тврдења на украинскиот претседател.

Иако најголемиот дел од руските напади и натаму се насочени во источниот регион Доњецк, Русија, исто така, го засили притисокот на североисток од почетокот на јуни, најавувајќи создавање на таканаречена „безбедносна зона“ во регионите Суми и Харков, откако ланската есен од овие области украинската војска изведе ненадеен упад во пограничниот руски Курски регион од кој беше истисната дури оваа пролет.

„Русија испраќа мали напаѓачки групи само за да ја преминат границата со една нога, да снимаат видео и да создадат впечаток на пробив. Сите такви акции се одбиени“, продолжи Зеленски.

За истата таква тактика на украинските единици, главно од неонацистичките баталјони, порано известуваше Москва.

Обидите за мировни преговори во Истанбул досега не резултираа со никакви конкретни договори, освен договор за размена на воени заробеници. Овој месец се случија неколку такви размени, а Зеленски објави дека тие ќе траат до 20 или 21 јуни.

Украинските претставници задолжени за размените објавија во саботата дека во петокот ги примиле телата на 1.200 украински војници убиени во војната. Притоа украинската страна не предаде ниту едно тело на загинат руски војник. Претходно минатито викенд Украина прими тела на 1.212 свои загинати војници, од вкупно 6.000 кои ги има руската страна, а на Русија ѝ беа вратени телата на 27 нејзини мртви војници.

„Беше договорено да се завршат размените, а потоа ќе се дискутираат следните чекори“, рече Зеленски.