
Се разгледува финансирање на нов Клинички центар, од понеделник почнува мапирање за нови здравствени установи
Министерот за здравство Азир Алиу очекува проектот за заживеаната идеја за нов Клучнички центар да биде финансиран со парите за проектно финансирање кои на Македонија ѝ се ставени на располагање преку договорот со Велика Британија во износ од шест милијарди евра, од што во здравствениот сектор ќе бидат инвестирани милијарда евра.
Алиу на прес-конференцијата во неделата беше прашан кои локации се разгледуваат за изградба на нов Клинички центар, откако претходно пропаднаа обидите во Злокуќани, Ѓорче Петров, кај касарната „Илинден“, но и на местото на актуелниот, во центарот на Скопје.
„Освен тоа, имаме и други фондови коишто во моментов ги анализираме – инфраструктурно ние мора да се екипираме, затоа една од работите што веќе ќе ги почнеме од понеделник е мапирање, бидејќи не е само Клиничкиот центар. Ние имаме и во другите градови или инфраструктура којашто не е достојна за здравје, здравство и за таков сервис на граѓаните или недостаток на човечки ресурси ии недостаток на техничка инфраструктура внатре“, рече Алиу.
Неодамна премиерот Христијан Мицкоски откри дека новиот Клинички центар би се градел на нова локација, а овој што сега функционира ќе биде реновиран и реконструктуиран. Мицкоски очекува новиот центар да биде поевтин од претходниот проект, кој се очекуваше да чини до 480 милиони евра.
„Треба да видиме врз основа на проектот којшто го замислуваме – колку легла ќе има, каков тип на опрема ќе биде вградена и така натаму, но секако ќе биде барем за стотина до 150 милиони евра поевтин од тој којшто претходно го промовираше претходната Влада пред неколку години“, рече Мицкоски претходно седмицава.
Од средствата кои произлегуваат од договорот со Британија, најавена е изградба на Клинична болница во Штип, како и зграда за медицинскиот факултет и студентски дом, изградба на болницата во Кичево и реконструкција на онаа во Тетово. Овие проекти би чинеле нешто над двесте милиони евра.