
Тимот на Ферари е победник на 93-то издание на 24 часа Ле Ман, најпознатата трка на издржливост во светот.
Ова е трета последователна победа за Ферари, а ја освоија поранешниот полски возач од Формула 1, Роберт Кубица, Британецот Филип Хансон и кинескиот возач Јифеи Је.
Второто место, со 14 секунди заостанување, го освои Порше кое го возеа Французинот Кевин Естре, Белгиецот Лоренс Вантор и Австралиецот Мет Кембел, додека третото место му припадна на вториот тим на Ферари, победниците од 2023 година, Италијанците Алесандро Пјеро Гуиди и Антонио Џовинаци, и Британецот Џејмс Каладо. Четврти, исто така, беше Ферари.
Италијанскиот конструктор можеше да биде првиот производител кој ги освоил првите три места откако „Џоест Рејсинг“ на „Ауди“ го стори тоа во 2012 година, но нивните планови беа попречени од „Порше“.
„Ви благодарам, ви благодарам на сите“, рече Кубица, поранешен возач на Ф1 и рели, преку тимското радио.
Кубица имаше сериозна несреќа на релито во 2011 година, при што се здоби со сериозни повреди на десната нога и скината тетива на десната рака. Пред несреќата, тој практично обезбеди преселба во Ферари за сезоната 2012 во Формула 1. Во тоа време, тој се сметаше за потенцијален светски шампион.
И покрај сериозната повреда, Кубица се врати во Формула 1, тркајќи за Вилијамс и Алфа Ромео. Во текот на својата кариера, тој постигна една победа во 99 стартови.
Поранешната италијанска мотоциклистичка ѕвезда, Валентино Роси, исто така, се натпреваруваше на овогодинешниот Ле Ман. Неговиот тим, WRT BMW, се повлече по 12 часа поради технички проблеми.
РЕЗУЛТАТИ:
1. Ферари 499P (Роберт Кубица, Је Јифеи, Филип Хансон)
2. Порше 963 (Кевин Естре, Лоренс Вантор, Метју Кембел) + 14.084
3. Ферари 499P (Алесандро Пјер Гуиди, Џејмс Каладо, Антонио Џовинаци) + 14.403
4. Ферари 499P (Антонио Фуоко, Никлас Нилсен, Мигел Молина) + 29.666