
Цените на акциите на светските берзи паднаа минатата седмица, бидејќи инвеститорите стравуваат од ширење на конфликт на Блискиот исток откако Израел во петокот утрото го нападна Иран.
На њујоршки Волстрит, индексо Dow Jones падна за 1,3 отсто минатата седмица на 42.197 поени, додека S&P 500 индексот се лизна за 0,4 проценти на 5.976 поени, а индексот Nasdaq изгуби 0,6 отсто и падна на 19.406 поени.
И на повеќето европски берзи, цените на акциите паднаа минатата седмица. Додуша лондонскиот индекс FTSE се зајакна за 0,7 отсто, на 8.837 поени, но франкфуртскиот DAX се лизна за 3,2 проценти, на 23.516 поени, а парискиот CAC за 1,5 отсто, на 7.684 поени.
На почетокот од седмицата пазарите беа во добро расположение откако во вторник, по дводневниот состанок во Лондон, претставниците на САД и Кина постигнаа договор за трговија.
„Нашиот договор со Кина е склучен, сè уште ни треба конечно одобрение од претседателот Си и од мене“, рече американскиот претседател Доналд Трамп. Тој, исто така, истакна дека Кина ќе ги укине ограничувањата за трговија со ретки метали. „Нашите царини ќе бидат 55 а кинеските 10 отсто“, рече Трамп.
Сепак, тоа не предизвика еуфорија на пазарите, бидејќи, како што велат аналитичарите, многу детали за тоа како ќе се спроведе договорот сè уште се нејасни.
Дополнително, се очекува високите царини да ја поттикнат инфлацијата наредните месеци. Затоа, речиси никој не очекува американската централна банка (Fed) да ги намали каматните стапки на состанокот во јуни, и покрај постојаните повици од Трамп и неговите соработници да го сторат тоа.
Во петокот пазарите беа потресени од нападот на Израел врз Иран, кој, според израелската влада, сака да ја спречи Исламската Република да развие нуклеарно оружје. Иран одговори со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел.
Ескалацијата на непријателствата на Блискиот исток донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари во време на зголемен притисок врз економиите поради агресивната и каприциозна царинска политика на Трамп.
„Геополитичките тензии додадоа дополнителна неизвесност на веќе кревкото расположение“, вели Чару Чанана, стратег во банката „Saxo“.