
На денешен ден (17.06.2025 година), се навршуваат 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ и 132 години од ВМРО. Во ова пригода и по овој повод ја имам честа што ја прифати понудата за разговор и потсетување како дојде идејата да се формира ВМРО-ДПМНЕ, со првата жена основач на Партијата, единствена жена потписник на документ за регистрација на Партијата и жена која се обрати на Првата годишна конференција на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, Диана Транталовска.
По тој повод ќе истакне
„Идејата за независна македонска држава околу која се собравме и ја формиравме партијата се оствари уште по првите парламентарни избори во 1990 година, кога партијата со своето учество во првиот плурален Парламент ги наметна своите програмски цели и ги преточи во декларации, закони, Устав и со тоа ги постави темелите на независна македонска држава со име Република Македонија. Историска е улогата на ВМРО-те пратеници кои партиската политика ја подигнаа на државна политика и со тоа беше трасиран патот од кој немаше враќање. Македонија стана самостојна држава и покрај многуте сопки на ретроградните сили од пројугословенската провиниенција“.
Како дојдовме до идејата да се формира ВМРО-ДПМНЕ?
Транталовска ќе истакне: „Еден дел од основачите бевме членови на МААК-Движење за семакедонска акција. Во тоа време многу македонски интелектуалци се обединија околу идејата за македонска држава. По два-три месеци се покажа дека ова движење е премногу млитаво и не ги одразува вистинските чувства и вековниот стремеж за самостојна македонска држава. Пролетта 1990-та година се совпадна со политичката пролет кога во тогашниот трибун „Млад борец“ се појави програмата на партијата ДПМНЕ на г-динот Драган Богдановски. Една поголема група родољуби и почитувачи на Драган се собравме и решивме да регистрираме партија со истите програмски цели, партија која ќе се бори за независна македонска држава со македонска војска, македонска валута, македонски спортски репрезентации, македонска православна црква… По телефонскиот разговор со Драган Богдановски, од Македонија во Германија заминаа татко ми Владимир Транталовски, Љубчо Георгиевски и Борче Змејковски за да се договорат за понатамошното дејствување. Во Минхен каде го одржаа состанокот беа пречекани од Драган Богдановски и Гојко Јаковлевски. Гојко Јаковлевски ги сносеше сите финансиски трошоци за патувањето и нивниот престој во Минхен.
Како во тој плуралистички наплив од секакви партии, партијата што сакаме да биде препознаена дека таа е вистинската македонска партија?
Транталовска: „Решивме името на партијата да биде ВМРО-ДПМНЕ, како израз на вековната борба на нашиот народ, а од друга страна, партијата чиј идеен татко беше г-динот Драган Богдановски, најголемиот македонски дисидент во повоена Југославија, човекот кој беше осуден на 13, а одлежа 11 и пол години строг затвор во Социјалистичка Република Македонија за независна Македонија. Човекот, кој и починат и денес е страв и трепет за многу грешни души, човекот кој со својата бескомпромисна борба и крајна скромност не’ задолжи барем во вакви прилики да го спомнеме и му оддадеме почит за неговата несебична борба и пожртвуваност за каузата, за единствената наша татковина Македонија. Човек со најголемото полициско досие од околу 17.000 страници, затворен и осуден само затоа што ја сакаше Македонија“.
Кој беше предизвикот за формирање македонска партија?
Транталовска: „Жарот и ентузијазмот со кој влеговме во големиот предизвик за формирње наша, макаденска партија која ќе биде продолжување на илинденскиот идеал беа незамисливи од тогашен аспект. Не водеше силната желба и чувството дека токму сега се созреани условите за создавање на сопствена држава. Вековниот идеал можеше да биде стварност. Од друга страна, нашето неискуство во политиката и задкулисните интриги оставија можност за инфилтрирање на луѓе со задача да ја срушат партијата одвнатре, да не и дадат можност да се промовира на македонското плурално небо. Сепак, таа енергија концентрирана со децении кај нашиот народ, немаше сила што можеше да ја неутрализира или не дај боже да ја уништи“.
Се формираше партија во време кога голем процент од ЈНА беше во Македонија?
Транталовска: „Ние го направивме подвигот во време невреме, кога голем процент од ЈНА беше сеуште во Македонија, формиравме партија чие име беше табу тема и зборот ВМРО со шепот се спомнуваше.
На 17 јуни 1990 година, салата на Домот на млади „25 Мај“ беше премала да ги собере сите што сакаа да бидат на историскиот чин на Основачкото собрание на Партијата. Беше избрано првото партиско тело Централен Управен Одбор со членовите: Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски, Диана Транталовска, Васил Наумов и Драги Арсов, а подоцна Централниот Управен Одбор го проширивме и со други членови од општинските комитети. Храбро и бескомпромисно формиравме партиска структура во сите градови и многу села. Деноноќно работевме на терен, не се штедевме себе си, сами се финансиравме. Не беше лесно да се биде ВМРО-ец во тоа време. Уште повеќе да се биде млада жена на 30 години, самохрана мајка и деноноќно да се оди од село во село, од град во град, да се разговара со исплашени луѓе, да се бараат истомисленици за да се организираат основачки собранија. Гледајќи не нас, дел од нив се охрабруваа, некои се колебаа и воопшто не беше лесно да се направи партиската структура на терен. Многу од нив имаа свои блиски прогонувани од комунистичкиот режим и имаа страв во коски од измачувањата и тортурите што ги преживеале. Во оваа прилика би сакала да ги спомнам дел од првите ВМРО-ци што ни пристапија: Крсте Велјановски, Златко Нечковски, Благој Рахманот и многу други од Битола, Мише Карев од Крушево, Нане и Митко од Перово-ресенско, Милчо, Коле Бикчето, Тане Марковски, Митко Капетанот и многу други од Охрид, Разме и Беба од Струга, Ѓорѓи Илиевски од Дебар, Ристо Ѓорѓиев од Струмица, Делче Ицков од Гостивар, Пане Велев од Штип, Бале од Велес, Гоце од Прилеп, Владо Змејковски, Гоце, Миро, Леко, Милан Талевски од Скопје, Душко од Кавадарци и многумина од Куманово, Делчево, Виница, Гевгелија, Тетово, Кавадарци, Неготино и сите останати градови.
Каква беше подршката од дијаспората?
Транталоска: „Голема беше подршката од дијаспората, благодарение на децениската дејност на Драган Богдановски и неговата „Македонска нација“ ги добивме контактите со сите негови соработници-патриоти. Како резултат на таа соработка дел од тие луѓе беа поканети и присуствуваа како делегати од Австралија, САД, Канада и Европа на првиот конгрес на Партијата што се одржа во Прилеп, на ден Велигден 6-ти и 7-ми април 1991 година. На Конгресот беше избран Извршен комитет, со акламација за почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ беше избран Драган Богдановски и беше донесена одлука за формирање на ново тело Унија на млади сили, чии следбеници се младите на нашата Партија. Младинската задача и задача на генерациите што доаѓаат е да продолжите да се борите да ја зачувате татковината. Еднаш создадената држава не е дадена сама по себе. За неа треба да се се залагаме секојдневно. Борбата за зачувување на државата и нејзино меѓународно етаблирање е задача на младите политичари и денес и утре и во иднина. Исто така и подобрувањето на животниот стандард и условите на живеење во нашата држава треба да бидат цел на секој политичар независно дали е од власта или од опозицијата, зошто ние Македонците немаме резевна татковина. Но, тоа е дел од нашата историја што се повторува.
Сега повторно сме исправени пред големиот предизвик да ја ослободиме татковината што со над петгодишното владеење нашите политички, но овој пат и национални противници во тие години целосно ја уништија, ги срушија сите институции, ја обезличија до непрепознатливост. Македонија ги чека нејзините ќерки и синови да ја ослободат од натрапниците кои добар дел од народот македонски го прелажаа со слатки зборови за бајковита иднина претставувајќи се себе за светци, а биле волци исто како што пее Глигор Прличев пред два и пол века.
Оваа борба ќе биде многу потешка, со многу замки, со лажни ликови и силни обиди да не успееме да се обединиме. Нашите противници знаат дека може да победуваат само кога не сме заедно, кога сме раскарани и налутени. Затоа во периодот што претстои мораме да ја надминеме суетата, да ги стегнеме редовите и бескомпромисно да ја ослободиме Македонија. Од северниот студ што ја клекна на колена. Повторно да ја исправиме на нозе, а сите различни мислења ќе ги решаваме откако ќе ја ослободиме од стегите, зошто ние Македонците немаме резервна татковина.
И историското ВМРО и воскреснатото во ликот на ВМРО-ДПМНЕ имале една задача – Создавање македонска држава. Сега задачата е ослободување на македонската држава од натрапниците што ја понижија и уништија, национално помирување и враќање на гордоста на македонскиот народ“.
На крај која е вашата порака
Транталовска: „Ние основачите ја воскреснавме идејата за самостојна македонска држава, таа идеја е македонскиот КОД, нашето ДНК, без кое би биле безлична маса, без идентитет и посакувана цел на негаторите на нашето постоење. Верувам во нашите политичари, верувам во нашиот почитуван претседател и премиер Христијан Мицкоски, дека цврсто ќе се бори за македонските национални интереси на нашата татковина Македонија, како и за економскиот развој и просперитет за подобра иднина на поколенијата.
На денот на роденденот на нашата Партија, сакам да ги спомнам зборовите на мојот покоен татко Владимир Транталовски, кој до крај му беше искрен соборец и пријател на Драган Богдановски:
„Идејата на ВМРО е постара и од нас, а ќе ве надживее и вас!
ВМРО е повеќе од партија, ВМРО е религија!“
Вечна да ни биде Македонија!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес