
Европската комисија во вторникот предложи постепено укинување на увозот на гас и нафта од Русија до крајот на 2027 година, со цел дефинитивно да се стави крај на зависноста на Европската унија од руските фосилни горива.
„Русија постојано се обидуваше да нè уценува користејќи ги енергетските резерви како оружје. Презедовме јасни чекори за да ја затвориме славината и засекогаш да ја завршиме ерата на руските фосилни горива во Европа“, тврди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен без да спомене дека индустријализацијата и конкурентноста на европските производи на глобалните пазар се должеа токму на евтините енергенси добивани од Русија.
Комисијата предложи регулатива со која ќе се забрани увозот на руски гас според нови договори од 1 јануари 2026 година. Гасот увезен според краткорочни договори ќе биде запрен до 17 јуни 2026 година, освен за гасот транспортиран преку цевковод до земјите без излез на море.
Предложената регулатива предвидува постепено укинување на гасот преку цевководи и течниот природен гас (LNG) со потекло од Руската Федерација или извезен директно или индиректно од Руската Федерација. Исто така, се презентираат мерки за олеснување на целосното прекинување на увозот на руска нафта до крајот на 2027 година.
Земјите-членки ќе треба да презентираат планови за диверзификација со прецизни мерки и пресвртници за постепено укинување на увозот на руски гас и нафта. Според планираното постепено укинување, увозот на руски гас според нови договори ќе биде забранет од 1 јануари 2026 година. Увозот според постојните краткорочни договори ќе биде запрен до 17 јуни 2026 година.
Како отстапка за Унгарија и Словачка, но и Австрија, Комисијата предлага увозот на гас преку цевководи за земјите без излез на море со долгорочни договори да продолжи до крајот на 2027 година, кога треба целосно да биде запрен.
Исто така, се предлага забрана за долгорочни договори за увоз на течен гас од Русија, за да им се даде доволно време на терминалите за течен природен гас да се префрлат на алтернативни добавувачи.
Во случај да биде загрозена безбедноста на снабдувањето на една или повеќе земји-членки, Комисијата, според предлогот, ќе може да преземе потребни итни мерки.
Земјите-членки ќе мора да ги изготват своите национални планови до 1 март следната година за тоа како планираат да го прекинат увозот на руска нафта до крајот на 2027 година.
За да се зголеми транспарентноста и да се може да се следи патот на рускиот гас на пазарите на ЕУ, компаниите што имаат договори за снабдување со руски гас ќе мора да достават информации до Комисијата. Увозниците на руски гас ќе мора да им ги достават на царинските органи сите потребни информации што го потврдуваат патот на увезениот гас од неговото вистинско потекло до точката на увоз во Унијата.
Во понеделник, Унгарија и Словачка одбија да го поддржат текстот на заклучоците за планот за постепено укинување на увозот на руски фосилни горива во ЕУ на состанокот на министрите за енергија на земјите-членки.
Комисијата сега предложи закон што се усвојува по редовна постапка, односно преку постапка на заедничко одлучување на Советот и Парламентот, за која не е потребна согласност од сите земји-членки, туку само квалификувано мнозинство. Ова значи дека Унгарија и Словачка нема да можат да го блокираат усвојувањето на овој закон. Сепак, од друга страна, овие две земји можат да одбијат да го поддржат продолжувањето на санкциите против Русија, кои мора да се обновуваат на секои шест месеци, а за кои е потребен консензус од сите земји-членки.
„Предолго време, нашата енергетска зависност ѝ штетеше на Европа, а ѝ помагаше на Русија. Ова мора да се промени. Постои една изрека – помалку е повеќе, а денес таа изрека не може да биде поточна. Бидејќи колку помалку енергија увезуваме од Русија, толку повеќе безбедност и независност ќе имаме во Европа, колку помалку пари трошиме на руски фосилни горива, толку повеќе можеме да инвестираме во сопствена чиста, зелена, безбедна и прифатлива енергија“, рече комесарот за енергетика Ден Јергенсен.
Комесарот на прес-конференцијата истакна дека забраната за увоз на руски енергетски производи ќе остане дури и ако заврши руската војна против Украина.