Кина го обвини Трамп за подбуцнување на израелско-иранската војна

Кина во вторник го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека „додава масло на огнот“ во врска со конфликтот меѓу Израел и Иран и повика на деескалација.

„Воената акција на Израел против Иран предизвика ненадејна ескалација на тензиите на Блискиот Исток, што длабоко ја загрижува Кина“, изјави кинескиот претседател Кси Џинпинг во вторникот за време на состанокот со узбекистанскиот претседател во Казахстан, објави кинеската службана новинска агенција Xinhua.

„Се спротивставуваме на секоја акција што го напаѓа суверенитетот (…) на други земји“, истакнал кинескиот челник.

„Сите страни мора да работат на смирување на конфликтот што е можно поскоро и да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите“, рекол Кси, кој присуствува на самит со лидерите на петте поранешни советски републики во Централна Азија.

Израел во петокот започна масовни напади врз Иран со изговор наводно да го спречи да развие атомско оружје. Иран одговори со напади со балистички ракети и беспилотни летала врз Израел, во кои досега загинаа најмалку 24 лица, според официјалните израелски податоци. Најмалку 224 лица беа убиени, а повеќе од илјада беа повредени во израелските напади во Иран, според официјалните податоци од неделата.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот на својата социјална мрежа Truth Social повика на евакуација на целиот Техеран, навестувајќи масовен удар.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи во врска со ова во вторникот изјави дека „фрлањето масло на огнот, заканите и вршењето притисок нема да придонесат за смирување на ситуацијата, туку само ќе ги интензивираат тензиите и ќе го прошират конфликтот“.

Кинеските амбасади во Иран и Израел во вторникот ги повикаа кинеските граѓани што е можно поскоро да ги напуштат двете земји. Кинеската амбасада во Иран посочи да ги користат граничните премини со Турција, Ерменија и Туркменистан за да заминат. Кинеската амбасада во Израел соопшти дека одат „во правец на Јордан“.