
Руската војска започна серија напади врз украинскиот одбранбен индустриски сектор, соопшти руското министерството за одбрана.
Министерството соопшти дека групниот напад, кој вклучувал високопрецизни напади воздух -копно- море, како и беспилотни летала, ги таргетирал воено-индустриските објекти во Киевската област и делот од Запорожската област, кој е под контрола на Украина.
„Целта на нападите е постигната. Сите назначени цели се погодени“, изјавија официјални лица.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски, на социјалните мрежи објави дека повеќе од 440 беспилотни летала и 32 ракети ги таргетирале објектите во Одеса, Чернигов, Житомир, Кировоград и Николаев, при што загинале 15 лица, а 75 биле повредени. Тој ги повика „САД и Европа конечно да реагираат на начинот на кој цивилизираното општество реагира на терористите“.
Украинскиот медиум Strana.ua објави дека еден од нападите уништил складиште за муниција во регионот Киев. Исто така, се тврди дека е погоден и студентски дом на воздухопловниот институт во украинскиот главен град.
Непотврдени видеа на социјалните медиуми покажаа најмалку четири моќни експлозии во Киев кои можеа да се видат од километри.
Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко изјави дека нападите оштетиле неколку згради, вклучувајќи образовни институции и критични инфраструктурни објекти.
Во последните недели, Русија започна напади врз украински воени објекти откако Киев значително ги засили нападите со беспилотни летала во земјата. Москва ја опиша неодамнешната ескалација како обид на Киев да ги попречи тековните мировни преговори меѓу Русија и Украина. Руските претставници постојано посочуваат дека нападите никогаш не се насочени кон цивили.