Израелско-иранскиот судир

Македонија, без оглед на членството во НАТО, без оглед на стратешкото партнерство со САД и Обединетото Кралство, треба да го подигне гардот. Гео-политички Источниот Медитеран и Балканот се примамливи терени за стратешки, ни и тактички игри на различни светски и регионални играчи. Секој превид, секоја погрешна одлука, може скапо да чини. Дотолку повеќе што во потези како израелскиот не треба да се бара голема логика. Посебно во услови кога нема внатрешна или надворешна контрола врз Силата.

Руско-украинската војна, грубо кажано, го означи почеткот на крајот на униполарниот свет. Израелско-иранскиот судир го означува неговиот крај. Напуштањето на самитот на групата Г7 од страна на претседателот Трамп, може да се оцени и како почеток на крајот на транс-атланското сојузништво. Светот впловува во необележани води! Историјата на меѓународните односи не може да послужи како показател. Едноставно, светот за прв пат е глобално поврзан на начин кој до сега историјата на човештвото, а со тоа и историјата на меѓународните односи, не го познава. Не само економски! Ставовите за влегување во зона на мулти-поларност се точни, но што тоа конкретно значи, никој со сигурност не може да објасни. Уште повеќе, во моментов не постои ниту теоретска хипотеза за начинот на кој мулти-поларниот свет ќе функционира во услови на глобална поврзаност. Дотолку повеќе, што државите секој сегмент, без разлика дали се работи за ретки метали, вода, шуми, или вештачка интелигенција, ги прогласуваат за прашања од националната безбедност.

Рукската инвазија врз Украина, од аспект на официјална Москва, а сега и официјален Вашингтон, може евентуално да се правда, со одбивањето на НАТО сојузниците да преговараат за руските безбедносни грижи. За жал, израелскиот напад врз Иран тешко дека ќе може да се оправдува со истите аргументи. Израел со овој чин направи тежок преседан. Нападот го изврши во тек на преговри кои беа во функција на остранување на евентуалните закани по неговата безбедност. Преговори, кои од американска страна без оценети како охрабрувачки. Израел нападна два дена пред да се одржи четвртата рунда на преговори. Уште повеќе, нападот беше извршен еден ден по телефонскиот разговор на претседателите Трамп и Путин, посветени на иранската нуклеарна програма. Разговор во кој претседателот Путин предложил Русија, не само да посредува во преговорите, туки и да преземе грижа за иранскиот збогатен ураниум. Оттука, сосема нормално се поставува прашањето, кои се вистинските мотиви на Израел за да се одлучи на овој чекор. Официјалните изјави од негова страна не треба да се нотираат и анализираат. Тие не држат вода од едноставна причина. Иран во овој момент, но и во следните неколку години, нема  капацитет за производство на нуклеарно оружје. Од друга страна, судбината на неговите сојузници Хамас и Хезболах, па и на Хутите во Јемен, јасно покажа дека дека Иран нема ниту воен, ниту економски потенцијал за нивна неограничена подршка. Посебно во споредба со силата на израелската држава и нејзината армија, засилена со неограничената американска подршка.

Изнесеново фактички укажува на непостоење на сериозна и егзистенцијална безбедносна закана по израелската држава. Оттука, мотивите за израелскиов чекор треба да се бараат во сферата на суштината на феноменот наречен држава и државна реална политика. Сила сама по себе и за себе! Се разбира, во услови на специфично меѓународно опкружување. Кажано со друг зборови Израел следејќи ја логиката на силата, сосема правилно проценува дека во дадениов момент не само што нема да биде осуден од страна на неговите сојузници, туку политички, а и воено ако е потребно, тие ќе застанат зад него. Геноцидот што се врши врз палестинското насление во Газа ќе биде потиснат во втор план.

Се чини, лично претседателот Трамп, во моментов е најголем губитник. Тој, за воља на вистината изјави дека бил запознаен со плановите на Израел, но тоа суштински ништо не менува. Во услови на активни преговори на неговата администрација со Иран, логиката зборува, тој би требело да го спречи овој израелски потег. Посебно што телефонски разговара за тоа прашање со претседателот Путин. Чекор кој јасно покажува дека тој лично се вложува во преговорите и е заинтересиран тие да успеат. Трамповиот неуспех да го спречи израелскиот напад врз Иран, ја покажува големината на израелскиот премиер Натењаху. Донесува одлука за напад, убеден со право, дека претседателот Трамп ќе нема друг избор, освен да го прикрие својот неуспех, да ја контролира својата суета и да застане зад Израел. Дотолку повеќе што зад Израел, веднаш по нападот, застанаа главните европски сили: Германија Франција и Обединетото Кралство. Од кои две, Германија и Обединетото Кралство, однапред беа информирани за нападот.

Како што врвот на американската администрација е поделен околу утврдување на јасна политика кон овој судир, така е поделена и Европската Унија. Воспоставеното сојузништво помеѓу Германија, Франција и Обединетото Кралство, ја стави Унијата во втор план. Требеше кипарскиот претседател отворено да го нападне Брисел за да се одржи неформален состанок на министрите за надворешни работи посветен на израелско-иранската војна. Се разбира, без никакви заклучоци. Разбирливо, бидејќи Франција и Германија, заедно со Обединетото Кралство имаат своја агенда. Веднаш по израелскиот напад врз Иран, министрите за надворешни работи на овие три држави одржаа консултации. Соопштение не беше објавено. Исто како што не следуваше никакво објаснување зошто Италија не е вклучена во овие консултации. Во одговор на ова италијанската премиерка одржа разговори со претседателот Трамп, германскиот канцелар и британскиот премиер. Франција беше прескокната. Уште еден  показател дека италијанско-француските односи се заладени.

Европскава тројка на држави неколку дена по започнување на судирот излезе и со официјален став дека Израел има право на самоодбрана. Јасен знак, не само на неприципиелноста во однос на меѓународното право, туку и за неприкината конзистентност во влечењето на лоши потези. Во услови кога целиот арапски свет па и голем број на муслимански држави го осудија израелскиот напад како спротивен на меѓународото право; во услови кога и една Саудиска Арабија со остри зборови го осуди овој напад, европската тројка го поддржа. (Патем речено, саудискиот претстолонаследник без никакво образложение одби да присуствува на самитот на Г7). Си дозволи натамошно антагонизирање на овој дел од светот, но и зголемување на внатрешните тензии помеѓу своите христијански и мислимански граѓани. Се’ со една и единствена цел. Да се спречи секоја можност за постигнување на мир, без нивна вклученост. Иста идеја, различни тактички потези, како во случајот со руско-украинскиот судир. Најважно од се’, по секоја цена претседателот Трамп да се исфрли од игра, или во најмала рака и тие да бидат вклучени во преговорите. Последната информација, објавена од германското министерство за надворешни работи укажува дека во текот на денешниов ден во Женева, ќе се одржи средба на министрите за надворешни работи на тројката и Иран. При тоа, средбава доаѓа откако канцеларот Мерц, без срам и перде, изјави дека му е благодарен на Израел зошто ја одработува валканата работа за нив. Неодговорно е премиер на една држава да се етикетира, но Германија со новиот канцелар ќе има сериозни проблеми, посебно на меѓународен план. Не е на одмет во овој контекст да се укаже дека според врвот на турската држава, израелскиот напад врз Иран преставува загрозување не само на нејзините национални интереси, туку и на нејзината национална безбедност. Оттука, со сигурност може да се каже дека турскиот претседател Ердоган не скокал од радост, кога ги слушнал зборовите на германскиот канцелар. Во секој случај, Иран ја прифати оваа средба само за да покаже конструктивност. Истовремено врачи и протесна нота до германската влада за изјавата на канцеларот Мерц.

Италија, се разбира не остана покуса. Премиерката Мелони, најави своја иницијатива за постигнување на мир, во која би биле вклулени и Соединетите држави. Таа требеше да биде презентирана на самитот на групата Г7 во Канада. Се разбира тоа не се случи. Напуштањето на самитот од страна на претседателот Трамп, фактички го девалвираше натамошниот тек на средбата, која и така беше осудена на неуспех. Неуспехот на министрите за надворешни работи на земјите членки на оваа група да подготват заедничко соопштение стави до знаење дека лидерите нема да можат да се усогласат околу точките на дневниот ред. Оттука брзото и неочекувано заминување на претседателот Трамп, беше само потврда на неможноста од градење на заеднички ставови, но и негова освета за односот на европската тројка, кон неговите иницијативи. Дополнително, со овој потег тој елегантно ја одбегна средбата со украинскиот претседател Зеленски, на која треаше да се разговара за испорака на американско оружје на Украина. Советникот на рускиот претседател Путин, Ушуков, коментирајќи го вчерашниот телефонски разговор помеѓу рускиот и кинескиот претседател иронично го истакна нивниот став за средбата.

Според него:

…лидерите (се мисли на кинескиот и рускиот) дискутираа за неодамнешниот состанок на Г7 и ги забележаа добро познатите груби линии, кои се појавија во односите помеѓу учесниците на состанокот. Патем беше споменато дека за Зеленски ова беше несомнено најуспешниот состанок…

Иронични изјави може да си дозволи преставник на држава која е сигурна во својата сила и позиција. Се чини, во моментов, Русија се чувствува токму така.

Русија од своја страна, не може а да не покаже респект кон ваквото однесување на претседателот Трамп. Исто како што е и благодарна за прифаќањето на незјиното посредништво помеѓу Израел и Иран. Од закана по светскиот мир, таа  преку ноќ прераснува во негов спасител. Нешто неприфатливо за мнозинството членки на Унијата. Но, тоа во моментов е небитно. За неа е битно со својот став кон судирот, но и неиспорачувањето на оружје на Иран, да ги зајакне своите позиции во глобалниот југ, но и во арапскиот свет. Истото се однесува и за  Кина.  Вчерашниот телефонски разговор на двајцата претседатели, кинескиот и рускиот, уште еднаш ја потврди нивната заедничка позиција кон израелскиот напад врз Иран, која според нив е спротивна на меѓународното право, но и потребата за изнаоѓање на дипломатско решение за иранската нуклеарна програма. Гласно и јасно ги повторија ставовите кои мнозинството на земји во светот сакаа да ги чујат.

Транс-атланските недоразбирања ја продолжија војната во Украина. Му дозволија на Израел да го нападне Иран и на добар пат се да го дестабилизират целиот регион. Надворешен лек за нивните недоразбирања нема. Внатрешен во моментов тешко дека ќе се најде. Едноставно, остаокот од меѓународната заедница ќе мора да живее со ова. Кој како знае и умее! И не е на одмет да се повтори. Македонија, без оглед на членството во НАТО, без оглед на стратешкото партнерство со САД и Обединетото Кралство, треба да го подигне гардот. Гео-политички Источниот Медитеран и Балканот се примамливи терени за стратешки, ни и тактички игри на различни светски и регионални играчи. Секој превид, секоја погрешна одлука, може скапо да чини. Дотолку повеќе што во потези како израелскиот не треба да се бара голема логика. Посебно во услови кога нема внатрешна или надворешна контрола врз Силата.

Автор: Јован Донев за НетПрес