Едночинка-НАТО 2025

Хашката театарска престава заврши, како што заврши. Македонија беше дел од неа. Не е нешто за пофалба! Но, секако подобро отколку понижувањата кои ги доживеаа многу поголеми и поквалитетни глумци од нас. Ние може да се задоволиме и со споредни улоги, но тоа тешко дека ќе го проголтаат глумци како Франција, Германија, Обединетото Кралство, Италија или Турција.

НАТО самитот во Хаг, оваа недела, тареше неполни три часа. Триесет и двајца лидери на држави и влади, членки на организацијата, потрошија повеќе време на вечерата организирана во нивна чест од холандската кралска двојка, отколку на работната средба. Објавија заедничко соопштение од пет параграфи. Само за споредба, минатогодишното соопштение од Вашингтонскиот самит имаше триесет и осум параграфи. Се’ на се’,  средба која не беше ништо друго туку добро организирана театарска престава. Сцената одлична, кореографијата уште подобра! Триесет и еден спореден глумец, целосно посветени да му удоволат на главниот – Трамп.  Тој, се разбира, одлично ја одигра својата улога. Имаше силен мотив! Суетата му беше задоволена. Се’ што посака, како предуслов, да ја одигра својата улога, доби. Сепак, по спуштањето на завесата, остана едно прашање. Чуму сево ова? Чуму толку голема хипокризија и понижување?

Одговорот тешко дека ќе го добиеме наскоро. Тезата дека сето ова велемајсторски режирано, од страна на генералниот секретар Руте, е во функција на јавна презентација на единството и сплотеноста на земјите членки на НАТО, навистина не држи вода. Едноставно, единство и сплотеност, не се покажува со симнување на најгорливите безбедносни прашања во светот од дневниот ред.  Обратно, тоа покажува сериозна поделеност на ставовите на земјите членки по овие прашања. Нешто што не е никакво изненадување за познавачите на политиките на клучните играчи на меѓународната сцена, членки на НАТО. Дополнително, не треба да се испушти од предвид дека од сите поканети шефови на држави или влади од земјите надвор од Алијанста, само премиерот на Нов Зеланд се појави на сцената. Останатите, без образложение, во последен момент го откажаа присуството. Најверојатно не сакаа да бидат статисти!

За воља на вистината, сепак, требе да се укаже дека земјите членки демонстрираа единство по едно прашање. Сите тие во заедничкото соопштение уште еднаш ја искажаа својата посветеност на член 5 од договорот за формирање на Алијансата. Секој напад врз земја членка е напад врз сите земји членки. Став вметнат за да се елиминираат стравувањата на европските сојузници дека САД би можеле да одлучат да не застанат во одбрана на некоја земја членка. Изнуден потег за кој навистина нема потреба. Трамп, како и секој добар глумец, пред премиерата даде бомбастична изјава само за да ја промовира својата престава. Имено, пред доаѓање на самитот тој на новинарско прашање дали САД ќе го почитуваат член пет од договорот изјави дека не може да одговори бидејќи за овој член има многу различни толкувања. Ја крена и онака тензичната атмосфера. Веднаш по пристигнувањето во главниот град на Холандија јасно стави до знаење дека тој нема да ги остави своите сојузници на цедило. Нешто што и врапчињата на гранките го знаат.

САД, во овој момент, но и во догледна иднина, нема намера да се повлече од НАТО.  Секое негово брзо напуштање би значело создавање на безбедносен дисбаланс. Нешто што не е во интерес на САД. Тоа е во целосна спротивност на политиката која во моментов ја води Трамп. Негова интенција е да ги затвори отворените горливи и опасни по светската безбедност прашања, за да се сконцетрира на Пацификот. Оттука тој можно е да донесе одлука за делумно или целосно повлекување на американските војници од Европа, но не и напуштање на НАТО или не придржување кон член 5.  Напуштањето или распуштањето на НАТО ќе се случи оној момент кога земјите членки на Европската Унија, самите, или заедно со останатите европски земји надвор од Унијата, ќе бидат во можност самите да се грижат за безбедноста на европскиот континент. Детали кои во крајна линија не го интересираат Трамп.

Неговото инсистирање земјите членки на Алијансата да го зголемат одбрамбениот буџет од досегашните 2% од БДП на 5%, е исцело во функција на реализација на оваа  политика. Како и по која цена останатите земји членки ќе ја оствараат оваа замисла, не го засега. Тој едноставно со уцени и закани ја оствари единствената цел заради која и дојде во Хаг. Да ги принуди сојузниците да го потпшат документот со кој се обврзуваат до 2035 година да ја исполнат неговата желба за зголемување на одбрамбените буџети.  Се разбира ова зголемување не важи за САД. Трамп јасно повтори дека не планира зголемување на американскиот буџет за одбрана. Инсистирањето на грчкиот премиер Мицотакис за недискриминација помеѓу сите членки на НАТО по овој основ, паднаа во вода. Сепак, заради коректност треба да се каже дека по ова прашање генералниот секретар на НАТО успеа да изгради делумен компромис. Имено, од петте проценти за одбрана, 3,5 проценти ќе се одвојуваат за воена опрема и техника, а 1,5 проценти за работи поврзани со безбедноста на државата, но и земјите членки на Алијансата.

Делумноста на компромисот произлегува од фактот дека најмалку три држави членки на НАТО го потпишаа документот, но јавно изјавија дека нема или делумно ќе прифатат зголемување на воените буџети. Имено, Шпанија, Словачка и Белгија јавно ставија до знаење дека не гледаат причина, односно немаат можност за исполнување на ова задолжение. Италијанската премиерка за да не ги наруши своите односи со Трамп даде двосмислена изјава. Таа добро знае дека Италија, која и така со маки успеа да ја исполни целта од 2% оваа година, нема никаков простор за нови задолжувања.  Всушност тука некаде се крие и целата тајна на оваа Хашка престава. Сите членки ставија потпис зад соопштението, три јавно изјавија дека нема да го почитуваат својот потпис, а останатите вербално се обврзаа на почитување. Но, колку од нив навистина ќе го почитуваат потписот  е доста проблематично прашање.

Кумулативната задолженост на земјите членки на ЕУ изнесува 80% од нивниот БДП. Зголемувањето на одбрамбените буџети за нив ќе значи триплирање на моменталните. Од 325 милијарди евра, потрошени минатата година, сега ќе треба да потрошат 900 милијарди евра. Само не-европска Британија, која има надворешен долг од 100% од БДП, ќе треба да вложи за одбрана дополнителни 41 милијарда евра. При ова, за да биде сликата појасна, владата во Лондон за сервисирање на долговите троши, со исклучок на здравството, повеќе од која и да било друга буџетска ставка. Оттука, сосема логично прашање е како европските членки на НАТО, па и Канада, ќе најдат пари за тоа што го ветиле. Нови задолжувања се можни, но тие тешко дека ќе поминат кај гласачкото тело. Прогласувањето на Русија за смртен непријател е целосно во функција на внатрешната пропаганда, но до кога. Сигурно умните глави во главните европски градови не калкулираат на можноста руско-украинската војна да трае и во наредните десет години.  Планот за евентуален економски раст преку милитаризацијата, исто така крие голема непознаница. Сигурно е дека Трамп нема благонаклонето да гледа доколку европските држави ја започнат воената модернизација без да купуваат американско оружје и техника. Сакале – не сакале тие ќе мора тоа да го сторат. На тој начин тие ќе го зголемат задолжувањето, но нема да можат да ги остварат своите планови за економски раст.

Втората опција, која во моментов им стои на располагање на европските држави членки на НАТО е намалување на амбициозните планови за чиста животна околина, но и „потстрижување“ на социјалните програми. Прашања од кои најмногу зависи стабилноста на голем број на европски влади. Ниту зелените, ниту левите партии, ќе прифатат такво нешто. Се разбира тука е и крајната десница, која нема да остане рамнодушна на намалување на социјалните програми. Делумен исклучок од ова сценарио е Германија. Таа заради ниската надворешна задолженост може да си дозволи преку кредити да ја спроведе милитаризацијата. Нејзината влада тоа и не го крие. Деновиве германскиот канцелар Мерц јавно изјави дека Германија планира да ја има најмоќната копнена армија во Европа. Несвесен дека со ваквите изјави само го буди прускиот империјализам.

Хашката театарска престава заврши, како што заврши. Македонија беше дел од неа. Не е нешто за пофалба! Но, секако подобро отколку понижувањата кои ги доживеаа многу поголеми и поквалитетни глумци од нас. Ние може да се задоволиме и со споредни улоги, но тоа тешко дека ќе го проголтаат глумци како Франција, Германија, Обединетото Кралство, Италија или Турција. Реванш ќе следи. Прашање е само каде и кога!

Автор: Јован Донев за НетПрес