ЕК: Фон дер Лајен имаше попатен спонтан разговор со Вучиќ

Европската комисија во вторник негираше дека српскиот претседател Александар Вучиќ вчера имал исцрпен разговор со претседателката Урсула фон дер Лајен во Севиља.

„Претседателката фон дер Лајен имаше лежерен, спонтан разговор со претседателот Вучиќ, во салонот пред официјалната вечера во Севиља. Таа имаше можност да размени неколку зборови со многу лидери, вклучувајќи го и претседателот Вучиќ. Значи, тоа не беше официјална билатерална средба и немаме ништо поконкретно да кажеме за тоа“, одговори портпаролот Стефан де Керсмаекер како одговор на новинарско прашање.

Вучиќ учествуваше на меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља.

Според српските медиуми, Вучиќ и фон дер Лајен разговарале за европскиот пат на Србија, економијата и одлуките со кои се соочуваат и Европската унија и Србија во наредниот период.

„Мислам дека беше исклучително корисно. Разговаравме долго време, никогаш не сме разговарале толку многу и толку многу време за нашата билатерална соработка“, рече Вучиќ.