
Во текот на претходната ноќ, српската полиција извршила проверки на идентитетот на вкупно 1.297 лица, додека 79 лица се приведени. Сите блокади на територијата на Србија и Белград се отстранети и сите патишта се проодни, соопшти српското министерството за внатрешни работи.
Според полициското соопштение, 72 лица се приведени за сторени прекршоци, а седум лица за основано сомнение дека ги прекршиле одредбите од Кривичниот законик и со своите дејствија сториле кривични дела.
На некои места се регистрирани спорадични инциденти, при што полицијата постапувала согласно законот. Инциденти се регистрирани во Белград, Ниш, Нови Пазар и Нови Сад, каде што одреден број лица се приведени за нарушување на јавниот ред и мир и сторени кривични дела, се додава во соопштението.
Учесниците во блокадата повредиле четворица полицајци и оштетиле службено возило на Министерството за внатрешни работи.
Српското МВР апелира до граѓаните да се воздржат од какви било нелегални активности и да не го блокираат сообраќајот, особено не на начин што може да ја загрози нивната безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
Канцеларијата на ОН за човекови права синоќа објави дека внимателно ја следат ситуацијата во врска со протестите во Србија, и ги повикаа властите да ја почитуваат слободата на изразување и собирање.
„Внимателно ја следиме ситуацијата бидејќи имаше извештаи за насилство, малтретирање и произволни апсења на демонстранти“, објави канцеларијата преку социјалната мрежа X и ги повика властите во Белград да „се воздржат и да ја почитуваат слободата на изразување и мирното собирање“.
Во краткото соопштение се наведува и: „Повикуваме на спроведување мерки за градење доверба за да се отвори патот за обновување на општествениот договор“.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, за време на неговата посета на Белград кон крајот на мај оваа година, рече дека забележал „длабока поларизација и поделба во општеството“ во Србија.
На 1 јули, студентите повикаа на граѓанска непослушност сe додека не се исполнат нивните барања – предвремени парламентарни избори, отстранување на шаторите поставени пред 3 месеци во центарот на Белград во „Пионирски парк“ и ослободување на сите уапсени студенти.
На Видовден, 28 јуни, во Белград се одржа голем протест организиран од студентите во блокада на кој беше поставен ултиматум до владата да му предложи на претседателот да издаде указ за предвремени парламентарни избори.