Цените на храната во јуни близу највисокоте ниво во две години

Цените на храната во јуни се приближија до највисокото ниво во последните две години, бидејќи скокот на цените на месото и растителните масла ги надмина значително поевтините шеќер и житарките, покажа извештајот на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (FAO) објавен во петокот.

Ценовниот индекс на FAO за кошничката со основни прехранбени производи во јуни изнесуваше 128,0 поени, што е за 0,5 отсто повисоко отколку во мај. Со тоа, неговата вредност се приближи до највисокото ниво за две години, од 128,2 поени, што го достигна во април. Во споредба со јуни минатата година, цените беа повисоки за 5,8 отсто.

Растителните масла најмногу пораснаа во мај, за 2,3 отсто а цените на палминото масло, маслото од репка и соиното масло пораснаа поради зголемената побарувачка во секторот за биогорива. Цените на сончогледовото масло малку се намалија поради зголеменото производство во регионот на Црното Море.

Цените на месото, исто така, значително се зголемија, за 2,1 отсто, достигнувајќи нов максимум откако FAO почна да објавува податоци, бидејќи силните зголемувања на цените на говедското, свинското и овчо месо повторно ги надминаа падовите на цените на живината.

Млечните производи пораснаа за 0,5 отсто во јуни, бидејќи ограничените залихи во Океанија и ЕУ и континуираната висока побарувачка во Азија ги турнаа цените на путерот на највисоко ниво откако FAO почна да објавува податоци втор месец по ред.

Цените на шеќерот нагло паднаа во јуни четврти месец по ред, за 5,2 отсто во однос на мај, при што цените паднаа на најниско ниво од април 2021 година, поттикнати од очекувањата дека жетвата на шеќерна трска во Бразил, Индија и Тајланд, водечките производители, ќе биде исклучително добра со оглед на поволните временски услови и поголемите засеани површини.

Цените на житарките, исто така, значително се намалија во шестиот месец од оваа година, за 1,5 отсто во однос на месецот, што одразува остар пад на цените на пченката втор месец по ред поради изобилните залихи од Аргентина и Бразил. Цените на пченицата се зголемија поради загриженоста дека сушата може да ги загрози жетвите во Русија, САД и делови од ЕУ.

Уште во средината на јуни, пред топлотниот бран, FAO предвиде дека поволните временски услови ќе го зголемат производството на пченица во ЕУ за 13 отсто оваа година.

Ризик од високи температури

Во посебен извештај за понудата и побарувачката на житни култури, FАО малку ја зголеми својата проценка за глобалното производство на житни култури оваа година на 2,925 милијарди тони, што е нов максимум откако почна да објавува податоци. Тоа би значело зголемување од 2,3 отсто во споредба со минатата година.

Иако целокупната перспектива за пченицата, пченката и оризот се подобри, агенцијата забележува дека топлото и суво време во некои клучни региони би можело да влијае на производството, особено на пченката.

Се очекува глобалната потрошувачка на житни култури да се зголеми за 0,8 отсто во сезоната 2025/2026 на 2,898 милијарди тони, проценува FАО.

Залихите на житни култури треба да бидат за 2,2 отсто повисоки на крајот од тековната сезона, во јули следната година, отколку на почетокот, и да изнесуваат 889,1 милиони тони, според агенцијата.

Се очекува светската трговија со житни култури да се зголеми за 1,2 отсто во новата сезона, на 486,9 милиони тони, со зголемен извоз на пченица и ориз и благ пад на обемот на трговијата со пченка, предвидува FАО.