Европа сè уште не е блиску до трговски договор со САД

Преговарачите на Европската унија не успеаја да постигнат напредок во трговските разговори со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и би можеле да побараат продолжување на статус-квото за да избегнат зголемување на царините, изјавија во петокот европски дипломати запознаени со разговорите.

ЕУ веќе се откажа од надежите дека ќе постигне сеопфатен трговски договор до крајниот рок на Трамп на 9 јули, но по разговорите во Вашингтон не е сигурно дека ќе може во принцип да се согласи дури и за поблага верзија на договорот.

Европската комисија им кажа на претставниците на земјите-членки во петокот дека верува оти САД се подготвени да ги „паузираат“ сегашните царини за партнерите со кои постигнале првични договори, со можни поблаги царини или ослободувања подоцна.

Без прелиминарен договор, американските царини за поголемиот дел од увозот би се зголемиле од сегашните 10 отсто на стапката утврдена од Трамп на 2 април. За ЕУ, тоа се 20 отсто.

Двајца европски дипломати изјавија за Reuters дека Комисијата изгледа повеќе е склона кон првата опција, продолжување на статус-кво ситуацијата, а потоа продолжување на преговорите.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави во четвртокот дека преговорите ќе продолжат во текот на викендот.

Трамп воведе царини од 50 отсто за увоз на челик и алуминиум од ЕУ, 20 отсто за автомобили и делови за автомобили и 10 отсто за повеќето други производи.

ЕУ се согласи за пакет контрамерки од 21 милијарда евра, но не го спроведе. Исто така, разгледува и втор пакет, првично утврден на 95 милијарди евра. Тој сега е намален на 72 милијарди по лобирањето од некои земји-членки, изјавија дипломати.