Србија: Полицијата спречуваше блокади, десетици демонстранти приведени

Српската полиција спречи блокади на што повикаа демонстрантите кои се претставуваат како студенти во Белград, Нови Сад и Ниш во петокот, а неколку лица беа приведени или уапсени, додека обвинителите и судовите ги засилија дежирствата за брзо процесуирање на приведените за прекршоци или кривични дела.

Меѓу приведените беше Стефан Филиповиќ, директор и професор на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград, и седум други студенти и вработени на ФДУ кои учествуваа на денешниот протест пред факултетот.

Токму од овој факултет студентските блокади првично започнаа кон крајот на ноември минатата година, откако поддржувачите на Српската напредна партија ги нападнаа студентите на ФДУ кои молчеа за да им оддадат почит на 16-те лица кои загинаа при уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад. Блокадите на повеќе од 60 факултети на сите четири државни универзитети и протестите организирани од невладини и активистички организации инфилтрирани меѓу студентите прераснаа во таканаречено „студентско движење“, поддржано од дел од академската заедница.

Српската влада во четвртокот при одлучувањето за квотите за запишување, ги изостави Факултетот за уметности, како и Филозофскиот факултет и Факултетот за применети уметности (ФПУ), објаснувајќи дека не почнале да ги надоместуваат изостаноците во наставата по блокадите, иако студентите официјално не објавија дека ги прекинуваат.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави во врска со денешните блокади дека полицијата ќе обезбеди во текот на целиот ден „виталните сообраќајни точки во Белград нормално да функционираат“. Радио-телевизија на Србија и белградските портали објавуваат дека по тричасовните блокади, речиси сите патишта се проодни.

Протестите и блокадите во Белград и Нови Сад, кои започнаа во четврток навечер под обвинение за наводна полициска бруталност на претходните протести, завршија по полноќ без полициска интервенција. Претходната вечер, од среда до четврток, десетици демонстранти беа привредени а исто толку се пожалија на повреди при полициското отстранување на барикадите, од кои најмалку четворица претрпеле сериозни скршеници. 79 лица беа приведени.

Во четврток навечер студентите во Белград, Ниш и Нови Сад ги повикаа граѓаните целосно да ги блокираат своите градови од рано наутро во петокот во знак на протест против „полициската бруталност“.

Полицијата одговори на повикот со предупредување дека „ќе бидат преземени сите потребни мерки“ за „заштита на јавниот ред и мир“, а обвинителствата и судовите во петокот воведоа дополнителни работни часови за да се забрза процесуирањето на демонстрантите приведени од полицијата, жандармеријата или полицајците во цивил.

Пратеникот во српскиот парламент и лидер на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, денеска им изјави на новинарите дека, во согласност со законот и неговите уставни овластувања, ќе достави до Европската унија список на полицајци за кои тврди дека го прекршиле Законот за полиција, Уставот на Србија и други закони. Тој додаде дека ќе предложи на сите оние кои ги пречекориле своите службени овластувања, ги злоупотребиле и малтретирале граѓаните да им се забрани влез во ЕУ.

Студентите во блокадата на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград вчера објавија дека „десет пати повеќе луѓе биле приведени поради тридневните протести отколку поради падот на настрешницата на 1 ноември минатата година, кога 16 лица загинаа на неодамна реконструираната станица во Нови Сад“.

Во петокот, полицијата изврши апсења во Ниш, Крагуевац и Нови Сад, а меѓу приведените имаше студенти, професори, средношколци и граѓани, во многу случаи наведувајќи нарушување на јавниот ред и мир или попречување на службено лице во вршењето на неговите должности или напад врз службено лице додека ја извршува должноста..

Во меѓувреме, блокадите со чувствително помалку учесници продолжија и денеска на неколку локации во Белград и Нови Сад, но засега нема полициска интервенција.