
Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток изјави дека планира да биде домаќин на UFC настан во Белата куќа следната година, што би бил еден од настаните по повод 250-годишнината од Декларацијата за американската независност.
Познат во светот на мешаните боречки вештини како „Борец на чело на државата“, Трамп го смета претседателот на UFC, Дejна Фредерик Вајт, за близок пријател, а обожавателите на спортот се дел од неговата политичка база.
Трамп го објави ова за време на говорот на државниот саемски простор во сојузната држава Ајова.
„Ќе имаме борба на UFC, замислете, на теренот на Белата куќа“, рече Трамп.
„Имаме многу земја таму. Ќе градиме малку – всушност, не ние, туку Дејна (Вајт) ќе го направи тоа… Ќе имаме борба во UFC, борба за титулата, вистинска борба, со околу 20.000 до 25.000 луѓе, и ќе го направиме тоа како дел од прославата на 250-годишнината“, рече Трамп мислејќи на годишнината од независноста на Америка.
Трамп присуствуваше на бројни настани на UFC, вклучувајќи го и UFC 314 во Мајами во април, кога седеше со Вајт. На последната вечер од Републиканската национална конвенција во 2024 година, Вајт беше тој што го објави поранешниот и иден претседател кога ја прифати номинацијата на неговата партија.
Трамп додаде во четврток дека „секој национален парк, бојно поле и историско место ќе има специјални настани“ во чест на 250-годишнината од независноста на Америка.