
Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, се предаде на Судот на Босна и Херцеговина во Сараево во петокот, откако му се спротивставуваше повеќе од три месеца и веднаш беше испрашуван во случајот „напади врз уставниот поредок на БиХ“. Како резултат на тоа, му беше укината претходно изречената мерка притвор.
Според достапните информации од Судот на БиХ, Додик пристигнал на сослушување во придружба на својот адвокат, откако три ипол месеца беше воден какко бегалец од правдата.
Тој е под истрага поради сомнение за сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“. Бидејќи досега одбивал покани од Обвинителството на БиХ за сослушување, за него беше издадена потерница но тој продолжи непречено да ја минува државната граница и при излез и при влез.
Покрај тоа, му беше одреден притвор од еден месец. Сега таа одлука е поништена и му е наредено периодично да се јавува во полиција.
Изречените мерки за забрана можат да траат колку што е потребно или додека не донесе поинаква одлука Судот на Босна и Херцеговина.
„Осомничениот е посебно предупреден дека може да му биде наредено притвор доколку ги прекрши обврските според одредени мерки за забрана“, се вели во заедничкото соопштение на Судот и Обвинителството на БиХ.
По сослушувањето, Додик потврди дека изјавата ја дал на барање на Државното обвинителство. Рече дека смета оти неговото сослушување во Обвинителството на БиХ е важно прашање не само за него, туку и за „сите оние злонамерни луѓе кои сакаа дестабилизација и создавање дополнителни проблеми во БиХ преку овој случај“.
Додик изјави за ентитетската телевизија РТРС дека новата реалност зборува за фактот дека повеќе нема забрани за патување во странство и движење низ Босна и Херцеговина.
„Се согласив доброволно да дојдам во Судот на Босна и Херцеговина и по час и половина добив одлуки за прекин на притворот и за повлекување на налозите за приведување во Босна и Херцеговина и во странство. Секако, ова е случај што ќе продолжи“, рече Додик.
Додик изјави дека мора да се јавува во полициската станица Лакташи на секои 15 дена.
„Не се чувствувам победнички, туку уморен од сè“, рече Додик.
Објасни дека има обврска да се јавува во полициската станица Лакташи во близина на Бања Лука, каде што е регистриран, на секои 15 дена, а исто така рече дека е „уморен од сè“.
Освен Додик, Обвинителството на БиХ води истрага и против претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, и премиерот на ентитетот, Радован Вишковиќ, по кои е издадена потерница и одреден е притвор. Тие сè уште имаат статус на бегалци од правдата.