
Рускиот тенисер Карен Качанов (АТП-20.) е првиот четвртфиналист на овогодинешниот Вимблдон, а за место меѓу осумте најдобри на третиот Гренд-слем турнир во сезоната, го победи Полјакот Камил Мајхшак (АТП-109.) со 6-4, 6-2, 6-3 во меч кој траеше еден час и 47 минути.
За 29-годишниот московјанец, ова е второ четвртфинале на „Ол Ингланд Клаб“, а шесто вкупно на Гренд-слем турнирите, каде што неговиот најдобар резултат е полуфинале (УС Опен 2022 и Австралија Опен 2023).
Хачанов доминираше во натпреварот против тенисерот кој го изненади поранешниот финалист на Вимблдон, Матео Беретини, во првото коло и првпат во кариерата стигна до осминафиналето на Гренд-слем турнирите. Мајхшак ја доби својата прва можност за брејк дури во четвртиот гем од третиот сет, кога веќе беше во „дебело“ заостанување и по загубен сервис во третиот дел од натпреварот.
Потоа успеа да му го одземе сервисот на Хачанов, но Русинот возврати со тоа што му дозволи само уште еден гем на полскиот врсник до крајот на натпреварот, одземајќи му го сервисот уште двапати, вкупно шест пати во текот на натпреварот.
Хачанов ќе се соочи со победникот од натпреварот помеѓу петтиот носител Американецот Тејлор Фриц и Австралиецот Џордан Томпсон во четвртфиналето.