Пожарот кој избувна во саботата рано попладнето во скопско Трубарево, вечерва се распламтил и зафатил уште поголема површина од претходно.
Како што засега неофицијално дознава НетПрес, управителот и сопственик на погоните кои горат во моментов е во полициска станица и ќе се постапува по насоки од Јавен обвинител.
Во пожарот кој изби во саботата рано попладнето во објект на фирмата „Ф-Групација“ во скопското село Трубарево која се занимава со електронски отпад, се зафатени уште два други објекта во кои имало големо количество пластичен отпад. Поради тоа, над населеното место близу Скопје се издига густ и црн, а многу веројатно токсичен чад.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов пред паѓањето на вечерта од местото на пожарот рече дека во гаснењето бра ангажирани најголем дел од противпожарните возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, три БТР, еден хермелин, а цело време дејствуваат еден полициски хеликоптер, еден армиски хеликоптер и еден ер трактор на ДЗС, кои со прецизно фрлање на водата и со специјална пена за гаснење на вакви тешки пожари, помагаат да се намали горењето во обидот да спречат ширење на огнот.
Според него, од перцепцијата на терен се работи за подметнат пожар.
„Според мојата перцепција од терен се работи за намерно подметнат пожар. Повеќе од сигурно за намерно подметнат пожар бидејќи не е едноставно да се запали ваков објект. Според мене, ова е хибриден напад врз државата бидејќи да се случат вака тешки пожари кои предизвикуват големо загадување на воздухот во главниот град, ќе потсетам прво депонијата „Вардариште“, депонијата „Дрисла“, вчера депонијата во Шуто Оризари, денеска оваа фабрика. Се работи за намерно подметнат пожар. Ние сме мета на хибриден напад, за мотивите може само да погодуваме. И МВР и останатаите служби од областа на безбедноста работат на откривање на сторителите и спречување на идни вака намерно предизвикани пожари“, појасни Ангелов.