Радост се прошири и меѓу Израелците и Палестинците откако беа договорени прекин на огнот и ослободување на заложниците како дел од првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа.
Египетската државна телевизија al- Qahera објави дека прекинот на огнот официјално стапил на сила околу пладне по локално време во регионот, откако завојуваните страни го потпишале во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик. Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека договорот ќе стапи на сила дури откако ќе биде ратификуван од израелската влада, чија седница е закажана за во 17 часот. Жителите на Газа известија за серија воздушни напади врз градот Газа околу терминот кога требаше да се потпише договорот.
Според првата фаза од договорот, борбите ќе престанат, Израел делумно ќе се повлече од Газа, а Хамас ќе ги ослободи заложниците што ги зароби во нападот што ја предизвика војната, во замена за затвореници што ги држи Израел. Извор запознаен со деталите од договорот изјавил за Reuters дека израелските сили ќе почнат да се повлекуваат во рок од 24 часа по потпишувањето на договорот. Се очекува сите 20 израелски заложници за кои се верува дека сѐ уште се живи во Газа да бидат ослободени во недела или понеделник, изјави израелски официјален претставник. Уште 26 заложници се прогласени за мртви во отсуство, а судбината на двајца е непозната. Хамас изјави дека може да помине некое време пред да се пронајдат телата расфрлани низ Газа.
Палестинците и семејствата на израелските заложници почнаа да слават веднаш штом се објави веста за договорот.
Во Газа, со повеќе од два милиона луѓе раселени од израелското бомбардирање, млади мажи аплаудираа на опустошените улици, дури и додека израелските напади продолжуваа, известува Reuters