Трамп изнесе идеја за исфрлање на Шпанија од НАТО

Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток предложи НАТО да размисли за исклучување на Шпанија од членството, бидејќи заостанува зад другите членки во воените трошоци.

Членовите на алијансата, која најмногу ја финансираат Соединетите држави, се согласија во јуни значително да ги зголемат воените трошоци, на пет отсто од бруто домашниот производ. Со тоа беше исполнето барањето на Трамп европските членки да трошат повеќе за сопствената одбрана.

На јунскиот самит на НАТО во Хаг се согласија за изјава за претстојниот самит со која се поставува цел од 5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) за годишна потрошувачка за одбраната и безбедност до 2035 година, надминувајќи ги приговорите од Шпанија. Шпанскиот премиер Педро Санчез тогаш првично ја блокираше претходната верзија на текстот, велејќи дека посветеноста на целта од 5 отсто би била неразумна и контрапродуктивна. Шпанија потроши 1,24 отсто од БДП за одбрана во 2024 година, според проценките на НАТО.

Дипломатите ги надминаа тогаш приговорите на Санчез со прилагодување на текстот за ветувањето за трошење, менувајќи ја формулацијата од „ние се обврзуваме“ во „сојузниците се обврзуваат“. Тоа му овозможи на Санчез да тврди дека обврската нема да се однесува на Шпанија.

„Издвојувањето од пет проценти би било непропорционално и непотребно“, рече Санчез во тогаш во обраќање на шпанската телевизија. Санчез во тоа време рече дека нема да се обврзе на целта од пет отсто, нарекувајќи ја „некомпатибилна со нашата држава на благосостојба и нашата визија за светот“.

„Целосно ја почитуваме легитимната желба на другите земји да ги зголемат своите инвестиции во одбраната, но нема да го сториме тоа“, рече Санчез додавајќи дека Шпанија ќе ги исполни сите други обврски кон НАТО алијансата, во однос на персоналот или опремата, но ќе троши само 2,1 процент од својот БДП.2029 година.

На состанокот во Овалната соба со челникот на втората најнова членка на НАТО, финскиот претседател Александер Стуб, Трамп рече дека европските челници мора да ја убедат Шпанија да ја засили својата посветеност кон алијансата.

„Ќе мора да почнете да разговарате со Шпанија“, рече Трамп. „Мора да им се јавите и да откриете зошто попуштаат“. „Тие немаат изговор да не го сторат тоа, но тоа е во ред. Искрено, можеби треба да ги исфрлите од НАТО“, додаде американскиот претседател.

Шпанија се приклучи на Северноатлантскиот договор во 1982 година. Западниот сојуз од 32 земји за заедничка одбрана и одвраќање е во центарот на вниманието откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, предизвикувајќи ја најсмртоносната копнена војна во Европа од Втората светска војна.

Поврзани вести

Најнови вести