Франција ја издаде првата поштенска марка во светот со мирис на кроасан

Франција издаде нова поштенска марка во средата со мирис на кроасан, славејќи го омилениот дел од францускиот појадок со секое испратено писмо, објави оваа седмица националната поштенска служба La Poste.

Речиси 600.000 поштенски марки ќе му оддадат почит на „симболот на француската гастрономија“, се вели на веб-страницата на француската La Poste.

Мирисот на путер и тесто за пециво се ширеше низ поштата во Валенс-Ерио во средата, а локалниот поштар Ентони Рише изјави за AFP дека е „многу горд што неговиот град е меѓу првите што ја продаваат“.

Цената на една марка е 2,10 евра, што е за едно евро повеќе од просечната цена на кроасан во Франција, а може да се користи и за меѓународни пратки.

Дизајнирана е од уметницата Фредерик Верније и отпечатена е во југозападниот француски град Булазак со помош на специјална техника на хелиогравура, техника на фотохемиска репродукција за интагло печатење за репродукции на оригинални слики во мал тираж.

Валенс-Ерио е една од трите локации каде што оваа поштенска марка беше пуштена во претпродажба, што се совпадна со организацијата на национален натпревар за изработка на најдобар кроасан со путер во југоисточна Франција.

Продавницата во југоисточниот француски град, која ја посетуваат 400 клиенти дневно, соопшти дека од 1.000 марки што пристигнале првиот ден, повеќе од 400 биле продадени веднаш.

Марката ја прави единствена мастилото што содржи ситни мирисни капсули. Кога се тријат, капсулите ослободуваат мирис на свежо печен кроасан. За да се осигура дека мирисот е автентичен, француската пошта го ограничи производството на 600.000 примероци, предупредувајќи ги колекционерите дека залихите може брзо да снема“.

Ова не е првата миризлива марка издадена од француската пошта. Во 2009 година беше издадена марка со мирис на чоколадо, во 2016 година беше издадена марка со мирис на свежо искосена трева за Европското првенство во фудбал на УЕФА, а во 2024 година, пред почетокот на Летните олимписки игри во Париз, беше лансирана верзија со мирис на багет.

Поврзани вести

Најнови вести