Кошаркарките на Лас Вегас ја освоија титулата во ВНБА, Вилсон испиша историја

Кошакарките на Лас Вегас Ејс ја освоија својата трета титула во ВНБА лигата последните четири години откако ги победија Финикс Меркјури со 4-0 во победи во финалната серија. Во четвртата средба одиграна во Феникс, Лас Вегас победи со 97:86.

Тимот од Лас Вегас претходно ги победи Индијана Фивер со 3-2 во полуфиналето од плејофот, и Сиетл Сторм со 2-1 во првото коло.

Лас Вегас до победата го предводеше одличната Ејџа Вилсон, која постигна 31 поен со девет скока. Челси Греј и Џеки Јанг додадоа по 18 поени. Калеа Копер, со 30 поени и шест скока, и Алиса Томас со 17 поени, беа најефикасни во редовите на поразените.

Вилсон имаше просек од 28,5 поени и 11,8 скока во финалната серија, сосема заслужено освојувајќи ја наградата за најкорисен играч во финалето, откако ја освои и наградата за најкорисен играч во регуларната сезона.

Вилсон така влезе во историјата станувајќи првиот играч на ВНБA или НБА лигата кој ги освоил наградите за најдобар стрелец, МВП на сезоната, најдобар дефанзивен играч и МВП на финалето во истата сезона.

„Многу сум благодарна, но никогаш не би била тоа што сум без моите соиграчки. Тие се навистина МВП. Тие доаѓаат на работа и ја вршат својата работа многу добро, и затоа сум им благодарна“, изјави таа за американските медиуми по натпреварот.

Ова е трета титула во историјата за тимот од Лас Вегас. Носители на рекорд се Минесота Линкс, Хјустон Кометс и Сиетл Сторм со по четири титули.

„Да се биде тука сега, во споредба со тоа каде бевме. Имаше многу сомнежи, но не и во соблекувалната. Имавме доверба една во друга. Навистина сум горда на тоа како се држевме до планот и му верувавме на процесот цело време“, додаде плејмејкерката Челси Греј.

Поврзани вести

Најнови вести