Мбапе се врати во Мадрид поради повреда

Капитенот на Франција, 26-годишниот Килијан Мбапе, ќе го пропушти натпреварот против Исланд поради повреда на глуждот, објавија „Триколорите“.

Мбапе веќе го напушти кампот на актуелните светски вицешампиони и се врати во Мадрид каде што ќе продолжи со закрепнувањето.

Одличниот француски напаѓач се повреди во победата од 3:0 против Азербејџан. Мбапе го постигна првиот гол на натпреварот во 45. минута, а беше заменет во 83. поради повреда.

„Тој претрпе уште еден удар во истиот глужд, ќе видиме каква е ситуацијата“, рече францускиот селектор Дидие Дешан на прес-конференција.

Мбапе, кој одвај тренираше во текот на седмицата поради проблем со глуждот, го започна натпреварот на „Паркот на принцовите“, но не можеше да го заврши. Шпанските медиуми објавуваат дека Реал Мадрид е загрижен за состојбата на нивната најголема ѕвезда. Шпанците се прашуваат зошто тој го одигра речиси целиот натпревар, со оглед на тоа што веќе имаше проблеми со глуждот.

Франција е на врвот во Групата Д со девет бода од првите три натпревара. Украина е втора со четири бода од три кола. Исланд е следен со три и Азербејџан со еден бод. Следниот натпревар на Франција е на 13-ти октомври во Рејкјавик.

Поврзани вести

Најнови вести