Забраната за израелските навивачи да присуствуваат на натпреварот на Астон Вила во англискиот град Бирмингем предизвика жестока осуда, а лидерката на опозициската Конзервативна партија го нарече „национален срам“.
Навивачите на израелскиот Макаби Тел Авив нема да имаат дозвола да присуствуваат на натпреварот од Лига Европа поради стравувања за големи наруѓувања на јавната безбедност.
Лидерката на конзервативците Олукеми Олуфунто Адегоке „Кеми“ Баденок рече дека неуспехот на премиерот Кир Стармер да им обезбеди на еврејските навивачи пристап до кој и да е фудбалски стадион во земјата би испратил „страшна и срамна порака: Постојат делови од Британија каде што Евреите едноставно не можат да одат“.
Бирмингемската советодавна група за безбедност, телото одговорно за издавање дозволи за секој натпревар на „Вила Парк“, ја информираше Астон Вила дека на гостинските навивачи нема да им биде дозволено да присуствуваат на натпреварот следниот месец во Бирмингем.
„Ова е национален срам. Како стигнавме до ова? Стармер вети дека Евреите се добредојдени и безбедни во Британија. Дека стои рамо до рамо со еврејската заедница и дека ќе ја употреби целата сила на својата влада за да го докаже тоа“, напиша Баденок на X.
„Дали ќе ги поткрепи своите зборови со дела и ќе обезбеди еврејските навивачи да можат да влезат на секој фудбалски стадион во оваа земја? Ако не, тоа испраќа ужасна и срамна порака: Постојат делови од Британија каде што Евреите едноставно не можат да одат“, коментираше Баденок.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар ја нарече „срамна одлука“. „Ги повикувам властите на Велика Британија да ја поништат оваа кукавичка одлука“, рече Саар.