Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, кој подоцна стана негов критичар, е обвинет за пренесување и задржување документи за национална одбрана за кои немал овластувања, што е третпат во последните седмици Министерството за правда да поднесе кривична пријава против некој од „јастребите“ на неконзервативците и критичари на републиканскиот претседател.
Адвокатот на Болтон не одговорил веднаш на барањето за коментар од Reuters. Тој претходно негираше дека Болтон бил вмешан во какво и да е кривично дело.
Обвинението, според судските записи објавени во четвртокот, доаѓа откако судските документи објавени минатиот месец открија дека Болтон е под федерална истрага за потенцијална злоупотреба на класифицирани информации.
Трамп, кој се кандидираше за претседател ветувајќи одмазда поради тоа што беше соочен со низа правни проблеми по завршувањето на неговиот прв мандат во Белата куќа во 2021 година, ги отфрли децениските норми дизајнирани само за приводно да ја одделат американската федерална полиција од политички притисок а всушност секогаш дејствуваше под шефот на Белата
куќа кој го именува нејзиниот директор. Последните месеци, Министерството за правда и главната обвинителка Пам Бонди објавија дека ќе покренат обвиненија против одредени лица кои се сметаат за противници на Трамп.
Болтон беше амбасадор на САД во Обединетите нации и советник за национална безбедност во Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп, пред да стане еден од најгласните критичари на претседателот. Во мемоари што ги објави минатата година, тој го опиша Трамп како несоодветен за претседател.
Обвиненијата против Болтон доаѓаат кратко откако Министерството за правда го обвини поранешниот директор на Федерално биро за истраги (FBI), Џејмс Коми, кој ја истражуваше претседателската кампања на Трамп во 2016 година, и главната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс, која претходно поднесе тужба за граѓанска измама против Трамп и фирмата за недвижности на неговото семејство.
Коми, кој беше отпуштен од Трамп во 2017 година, се соочува со обвиненија за давање лажни изјави пред Конгресот и опструкција на Конгресот. Тој се изјасни за невин, иако повеќегодишната истрага за наводната „руска врска“ на кампањата на Трамп со Москва никогаш не најде докази за своите тврдења во јавноста.
Џејмс беше обвинет за банкарска измама и давање лажни изјави пред финансиска институција. Таа негираше дека сторила нешто лошо и треба да се појави пред федералниот суд подоцна овој месец.
Агенти на FBI го претресоа домот и канцеларијата на Болтон во август, барајќи докази за можни прекршувања на Законот за шпионажа, кој го дефинира отстранувањето, задржувањето или преносот на досиеја од националната одбрана како кривични дела. Во неговиот дом во Мериленд, агентите запленија два мобилни телефона, документи во папки означени со „Трамп I-IV“ и папка означена со „изјави и размислувања за сојузничките напади“, според судските документи.
Тие, исто така, пронајдоа датотеки означени со „класифицирани“, вклучувајќи документи поврзани со оружје за масовно уништување, мисијата на САД во Обединетите нации и други материјали поврзани со стратешките комуникации на американската влада во неговата канцеларија во Вашингтон.
Судските записи, исто така, покажуваат дека „странски ентитет“ ја хакирал е-поштата на Болтон, но деталите за хакирањето подоцна биле редактирани. Адвокатот на Болтон претходно изјави дека записите запленети од FBI биле обични документи што би можел да ги поседува поранешен владин службеник.
Самиот Трамп претходно беше обвинет за кршење на Законот за шпионажа за наводно носење класифицирани документи во неговиот дом во Флорида откако ја напушти Белата куќа во 2021 година и одбивање на повеќекратни барања од владата да ги врати. Трамп се изјасни за невин, а тој случај беше отфрлен откако беше реизбран во ноември 2024 година, како што беше отфрлена и истрагата за истото дело во однос на неговиот претходник Џо Бајден од периодот кога беше потпретседател на Барак Обама.