Уште 15 дела на 11 македонски автори ќе бидат преведени и објавени од странски издавачи. Ова го одлучи стручната комисија по разгледувањето на 19 апликации (од кои три биле со некомплетна документација, а една е одбиена) кои пристигнале на конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи, една од стимулативните мерки предвидени во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година.
Резултатите од конкурост за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи денеска на прес-конференција ги презентираше министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која рече дека за преводот на 15-те дела обезбедиле поддршка од 2.018.100 денари (32.550 евра).
Со овие дела кои ќе бидат преведени во наредниот период, посочи Канческа Милевска, бројот на вкупно поддржани преводи на конкурсот за странски издавачи за 2014 и 2015 година се заокружува на 77 остварувања на 41 македонски автор кои се преведени на 19 светски јазици (француски, италијански, германски, шпански, англиски, руски, полски, српски, словенечки, украински, хрватски, бугарски, црногорски, албански, турски, ерменски, дански, амхарски и арапски) со поддршка од 9,3 милиони денари.
Според неа, оваа значајна мерка од областа на издавачката дејност досега дала извонредни резултати и ефекти во афирмацијата на македонските автори и нивното творештво во меѓународни рамки. Преведените дела, нагласи министерката, направија значителен пробив на македонската литература во различни јазични подрачја во кои претходно нашите автори беа многу малку застапени, а првпат македонски дела беа преведени и на ерменски, дански и амхарски јазик.
– Во овие изминати две години откако го објавивме првиот конкурс за странските издавачи обезбедивме поддршка за превод на 62 остварувања на 40 македонски автори кои денеска се достапни на 18 светски јазици. Не помалку важно е дека конкурсот силно ја трасираше промоцијата на творештвото на етаблираните, но и на младите автори, кои на овој начин добија можност првпат да се презентираат надвор од нашата држава, на еминентните европски книжевни пазари, рече Канческа Милевска.
Потенцира дека за поддршката на сите овие преведени дела, Министерството за култура издвоило 7,2 милиони денари, што, според неа, говори за нивните заложби за што поголема промоција и видливост на македонските автори и нивното творештво во меѓународен контекст. Појасни дека голем дел од 19-те пристигнати апликации се резултат на остварените контакти со странските издавачки куќи присутни на саемите на книгата кои ги поддржале минатата година, во Франкфурт, Истанбул и Софија, како и во рамки на Деновите на младата македонска проза кои се одржаа во април 2015 година.
Меѓу 15-те дела кои ќе бидат преведени и објавени од странски издавачи се: „Одбрани драми“ од Јордан Плевнеш на француски јазик, „Прва љубов на розовата улица“ на Натали Спасова на српски јазик, „Детето што сакаше да стане пчела“ на Христо Петревски на хрватски јазик, „Свадбата на Мара“ (избор драми) на Владимир Костов и делото „Јамболија што лае“ на Киро Донев на украински јазик, на бугарски јазик ќе бидат преведени „Портал на сонцето – избор на македонска поезија“ од група македонски автори, „Четириножните рицари“ и „Весел зоо парк“ на Киро Донев, „Куфер за тројца“ на Живко Гроздановски, делото „Комита“ од Владимир Плавевски, како и делото „Во очекување на Нобеловата награда“ на Душко Родев, „Приказни за годишните времиња“ (Избор раскази за деца) на Киро Донев, „Бездомникот со златен часовник“ на Верче Карафилоска.
Во рамки на овој конкурс, првпат ќе бидат објавени и две дела од македонски автори на арапски јазик. Toa се делата: „Нишан“ од Блаже Миновски, како и „Дваесет и првиот“ на Томислав Османли.
Министерката Канческа Милевска изрази уверување дека и годинава, како и минатите години, бројот на апликациите за конкурсот за странски издавачи континуирано ќе се зголемува.
– Ова е навистина еден од најзначајните проекти кои ги спроведовме во изминатиот период и во таа насока Министерството за култура ќе продолжи со поддршката на оваа стимулативна мерка која овозможи ефективна промоција на нашата литература и култура во светот, додаде Канческа Милевска.
Пристигнатите апликации ги разгледувале Нове Цветановски, претседател на Стручната комисија која одлучува по конкурсот на странските издавачи и Виолета Димова и Енвер Беќири, членови на Комисијата.
– Благодарение на овој конкурс и на финансиската поддршка на Министерството, македонските писатели добија нови афирматори, добар дел афирмирани, реномирани странски издавачи, рече Цветановски.
Димова истакна дека помагаат во афирмацијата на македонските автори во странство. – Ние не ја афирмираме само македонската литература и култура, што е најважно се афирмира македонскиот јазик затоа што најголем дел од преведувачите преведуваат од македонски на нивниот јазик, рече Димова.
Плевнеш рече дека со овој акт Министерството за култура влезе во контекстот на европската форма за поддржување на националните литератури во Европската унија.
– Останува да посакам еден ден на сите 6.384 јазици во светот да има дела на македонски јазик, додаде Плевнеш.