Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) неколку дена пред масакрот во Париз во ноември минатата година, имала информации дека групата Исламска држава (ИД) планира некакви терористички напади, но не можела да дојде до точни податоци за нивно спречување затоа што џихадистите користеле „софистицирана шифрирана комуникација“, соопшти директорот на ЦИА, Џон Бренан.
– Знаевме дека системот свети црвено. Знаевме само дека ИД се подготвува да направи нешто. Но, лицата кои беа вмешани користеа најнови можни начини за комуникација кој е скриена од нас – изјави Бренан за Си-Би-Ес.
Тој наведува дека по нападите во Париз, во кои загинаа 130 лица, на своите агенти им рекол дека мора „подобро да работат“ за да спречат повторување на ваквите терористички акти.
– Мораме да најдеме можности, технички капацитети и човечки ресурси. Верувајте ми, разузнавачките агенции спречија голем број напади на терористите кои се преместија од Ирак во Сирија, а потоа во Европа. Ги спречивме и блокиравме и ги уапсивме и притворивме, благодарение на добро завршената разузнавачка работа – изјави Бренан.
Тој оцени дека ИД се подготвува и за напади во САД.
– Верувам дека нивните обиди се неизбежни. Но, не мислам дека нивниот успех е нужно загарантиран – потенцира Бренан.