ДКСК: Јавна опомена за судир на интереси кај три лица

Државната комисија за спречување на корупцијата постапувајќи по предмети од областа на судирот на интереси констатира состојба на судир  на интереси кај лицата Сања Димитриевска, Ерџан Еминоски и Хамди Саити поради повреда на член 9 и член 20 став 1 и став 2 од Законот за спречување на судир на интерси и поради кумулација на функции – извршување на две функции истовремено и тоа:

1)      Сања Димитриевска – кумулација на функции – истовремено со  функцијата член на Републички совет за безбедност во сообраќајот  ја извршува и функцијата Независен неизвршен  член на Одбор на директори во Тутунски комбинат – Прилеп.

2)      Ерџан Еминоски– повреда на член 9 од Законот за спречување на судир на интереси – истовремено со  функцијата член на Совет на Општина Прилеп на која е избран на Локалните избори одржани 2013 година ја извршува и функцијата управител на трговско друштво – Друштво за производство, трговија и услуги „ИНТЕРНЕТ КАФЕ ЕЗЕЛ“ увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп.

3)      Хамди Саити – повреда на член 9 од Законот за спречување на судир на интереси – истовремено со  функцијата член на Совет на Општина Тетово на која е избран на Локалните избори одржани 2013 година ја извршува и функцијата управител на трговско друштво – Друштво за греденжништво проектирање инженеринг и трговија „ОДА“ ДООЕЛ, експорт-импорт Тетово.

Постапувајќи согласно со одредбите од Законот за спречување судир на интереси, а во насока на отстранување на констатираната состојба на судир на интереси,  Државната комисија за спречување на корупцијата во смисла на член  23 став 1 од Законот за спречување на судир на интереси се обрати лично до наведените службени лица со барање во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на барањето  доброволно да се откажат од извршување на едната од двете функции кои истовремено ги извршуваат, односно да се откажат од извршување на функцијата управител на трговско друштво или установа со што ќе ја отстранат повредата на член 9 од Законот за спречување на судир на интереси, да се откажат од паричниот надоместок што го добиваат поради членување во Здружение на граѓани со што ќе ја отстранат повредата на член 20 став 1 и став 2 од Законот за спречување на судир на интереси или со откажување на едната од двете функции кои истовремено ги извршуваат ќе се спречи кумулацијата на функции, односно состојбата на судир на интереси во која се наоѓаат.

Сања Димитриевска, Ерџан Еминоски и Хамди Саити не постапија по барањето на Државната комисија, поради што во смисла на член 23 став 3 од Законот за спречување судир на интереси Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука на овие лица да им изрече мерка  јавна опомена.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.