Претседателот на ЕП под притисок на грчките европратеници ја забрани „Групата на пријатели на Македонија“

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ја отфрли иницијативата за основање на неформална група на пријателство во ЕП под името „Пријатели на Македонија” од страна на европратеничката Маријана Петир, јави дописникот на МИА од Брисел.

По силниот притисок од страна на пратениците во Европарламентот од Грција, социјал-демократот Шулц во своето писмо до нив, исто така нагласува дека Европскиот парламент има официјален Мешовит парламентарен комитет за односи со како што наведува „поранешната југословенска Република Македонија (ПЈРМ).

Во одговор на писмото на заменик-претседателот на Европскиот парламент и член на Европскиот парламент од грчката владејачка партија Сириза, Димитриос Пападимулис, во кое Гркот реагира силно на создавањето неформална група за пријателство на парламентарците под името „Пријатели на Македонија”, претседателот на Европскиот парламент споменува дека Европарламентот „се изразува само преку својот официјален орган, што според него, е одговорната комисија во ЕП и притоа Шулц во своето писмо вели дека „било-кои други неофицијални групирања на членови ’треба да го почитуваат ова и да обезбедат дека нема да креираат забуна’“.

– Европарламентот посветува особено внимание да се користи за сите дипломатски, политички и административни цели името ПЈРМ, што е меѓународно признато име на оваа земја, посочува Мартин Шулц во писмото до грчките европратеници, а до кое стигна и МИА.

На крајот, Шулц и дава одговорност на групата на Европската народна партија (ЕПП), да не зема се здраво за готово и дека создавањето на такви неформални групи и за било каква друга примена и користење на објекти на Европскиот парламент, треба да се однесуваат на барање во име на политичка група. Тој, исто така, нагласува дека „само на соодветните политички групи е да одлучат дали да спонзорираат активности на таквите неформални групи и да одобрат или одбијат пристап до објекти на ЕП за состанок“.

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц го испратил ова писмо и до членовите на Европскиот парламент од Грција: Кефалојани, Каили и Андрулаки, кои како и нивниот колега Пападимулис од Сириза, поднесоа слична иницијатива контра создавањето на „Група на пријатели на Македонија“.

Инаку, во неговото целосно писмо на две страни, Мартин Шулц, прв човек на Европарламентот и член на Европските социјал-демократи чија асоцијативна членка е и македонската СДСМ, најпрво се заблагодарува на писмата контра „Групата на пријатели на Македонија во ЕП“ на грчките европратеници и најпрво потенцира дека единствена официјална група во законодавниот дом на ЕУ поврзана со Македонија е „Мешаниот парламентарен комитет“, кој постои и со другите земји-кандидати за членство во Европската унија.

– Ова е нашиот официјален орган за односи со парламентот на оваа земја, како и сите други неофицијални групирање на членови треба да го почитуваат ова и да обезбедат дека нема да создадат забуна. Јас сум свесен за чувствителноста околу името на земјата и спорот со Грција околу употребата на терминот „Македонија”, што е името на еден голем регион во Северна Грција, па оттука и привременото именување на земјата како ФИРОМ додека не се изнајде решение. Собранието посветува особено внимание за сите дипломатски, политички и административни цели да го користи името ПЈРМ, што е меѓународно признато име на оваа земја, потенцира Шулц во писмото.

Понатаму, претседателот на ЕП го истакнува член 34 од внатрешните правила на Европарламентот за постапка што предвидува создавање на парламентарни внатрешни групи, дека тие бараат поддршка од најмалку три политички групи и да бидат одобрени од страна на Конференцијата на претседателите на политичките групи во ЕП. А, Конференцијата на претседатели е основана на 11 декември 2014 година и досега има одобрено 28 внатрешни групи во овој законодавен дом кои имаат дозвола да ги претставуваат гледиштата на ЕП и им е дозволено да ги користат објектите на законодавниот дом на ЕУ во Брисел и Стразбур, според одредени услови.

– Членот 34 од Деловникот за работа, исто така, се однесува на друга категорија на „други неофицијални групи на европратеници“ што немаат официјален статус, но уживаат неинституционална поддршка, а не се претставници на ставови или мислења искажани од парламентот, но се само потврда дека наши членови, од време на време, организираат ад-хок работни групи за специфични прашања од интерес за нив. Како дел од нашите обврски за транспарентност, ваквите групации треба да се прогласат однапред како лична одговорност на членовите на парламентот до Единицата на управа на европратеници и да добие поддршка, без разлика дали во готово или во натура (на пример секретарски) што им се нуди на членовите на Европскиот Парламент во однос на финансиските интереси и судирот на интереси, наведува Шулц.

На крајот во писмото, претседателот на Европскиот парламент е дециден дека „било-кои неофицијални групи немаат право на користење на објекти во Европарламентот (соби, персонал, интереси итн.), освен ако барањето не е доставено во име на политичка група“.

– Според тоа, останув само на соодветните политички групи да одлучат дали ќе спонзорираат активности на вакви неформални групи и да им одобрат или не пристап до објекти за состанок во ЕП, посочува Шулц на крајот на писмото до грчките европратеници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.