Европол: Шверцот на мигранти во Европа „тежи“ неколку милијарди евра

Европол: Шверцот на мигранти во Европа „тежи“ неколку милијарди евра

Шверц на мигранти во Европа е драстично нараснат и во овој бизнис тежок милијарди евра активни се над 40 илјади лица во слабо поврзани криминални мрежи, покажуваат податоците на европската полициска агенција Европол, што беа објавени во текот на оваа недела и цитирани од весникот „Фајненшел тајмс“.

Над 90 проценти од над милион протнати мигранти во Европа во текот на минатата година користеле услуги на криминални групи и нивни соучесници, што е главниот предизвик за владите во ЕУ во нивниот стремеж да ја намалат бегалската и миграциска криза до ниво на управливост, пишува весникот.

Но, извештајот на Европол, насловен „Шверцот на мигранти во ЕУ“ прави јасно разграничување меѓу миграциската криза и тероризмот во Европа.

Во документот се посочува дека независно од изолираните случаи со терористи, кои се провлекоа во Европа низ мноштвото мигрантски канали, „членовите на терористички групи или странските борци на ИД кои имаат европско државјанство и се вратија во своите земји [. . .] не планираат на помошта од шверцерските мрежи“.

Европол наведува широк круг на криминални дејствија што се намножија со и околу миграциската криза – фалсификување документи, корумпирање службеници од полициските служби, сексуална експлоатација и принудна работа на непридружувани малолетници, со кои мигрантите им се раздолжуваат на шверцерите.

Меѓу претпоставените над 40 илјади лица, кои се занимаваат со нелегална трговија на луѓе има граѓани од над 100 држави, но најчесто тие потекнуваат од Бугарија, Египет, Ирак, Косово, Пакистан, Полска, Романија, Србија, Сирија, Тунис, Турција и Унгарија.

Европол утврди 230 места, во и надвор од ЕУ,  во кои се развива шверцот на мигранти или неговите придружни активности. Најоптоварените „жешки точки” за шверц надвор од Унијата се наоѓаат во Северна Африка, Блискиот исток и во Турција – градовите Аман, Алжир, Бејрут, Бенгази, Каиро, Казабланка, Истанбул, Измир, Мисрата, Оран и Триполи. А  главните центри на територијата на ЕУ се наоѓаат во Атина, Берлин, Будимпешта, Варшава, Виена, Франкфурт, Копенхаген, Лондон, Мадрид, Милано, Минхен, Париз, Рим, Солун, Стокхолм и Хамбург, пишува во извештајот, цитиран од „Фајненшел тајмс“.