Германската компанија од текстилната индустрија STS Textiles денеска најави браунфилд инвестиција во Демир Хисар. Првичната инвестиција, во капацитетите на поранешна „Застава“ ќе изнесува 4 милиони евра, со отворање 150 работни места. Плановите на компанијата според сопственикот Маркус Туч, се бројот на вработени долгорочно да достигне 1000.
– Ние сме високо технолошка компанија од текстилната индустрија. Македонија е второто место каде ќе имаме производство. Посетивме неколку држави Холандија, Бугарија, Романија и Македонија, но по напорите што ги вложи македонскиот тим одлучивме да инвестираме тука, изјави Туч.
Тој најави регистрација на новата компанија во Македонија во текот на следната недела и почеток на активности за неколку месеци.
– Ќе почнеме со вработување на 150 лица, а во текот на наредните години ќе се вработат над илјада лица. Сакаме да им понудиме на жителите во Демир Хисар и околината да се пријават за вработување, посочи Туч.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека STS TEXTILES е високо технолошка компанија која лани од германскиот магазин Менаџер е прогласена за најиновативна компанија во оваа дејност во Германија.
Покрај директните, како што рече Пешевски, се очекуваат и индиректни вработувања во домашни фирми, а бенефит од инвестицијата на STS TEXTILES ќе бидат и новите технологии што ќе ги воведат како и развојот на демирхисарскиот регион и намалување на невработеноста.
На објавувањето на инвестицијата присуствуваа и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, министерот за странски инвестиции Џери Наумов, заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции Климент Шекеровски и градоначалникот на Демир Хисар, Љупчо Блажевски.