На клиника за кардиологија во секој момент има најмалку три типа на антибиотии со широк спектар за парентарална употреба и повеќе од пет типа антибиотици за пероорална употреба, реагираат од Кардиологија на соопштението на СДСМ во кое се обвинува дека Кардиологија останала само со еден антибиотик со кој ги лечат сите пациенти.
„За повеќето од пациентите со срцеви заболувања не се потребни антибиотици во третман. Со оглед на тоа што на клиниката се случува да лежат и пациенти со придружни заболувања за кои има потреба од антибиотски третман истите во почеток се покриваат со антибиотик од широк спектар.
Доколку се работи за пациенти со воспалителни срцеви заболувања, лекувањето со антибиотици оди според антибиограм, односно, се лекуваат со антибиотикот кој е најефикасен за нивната болест .
Во поглед на пациентите кои се оперираат, (пациенти кај кои се имплатинраат електростимулатори), според соодветните препораки антибиотик со широк спектар се дава еднократно за превенција на идни компликации.
За останатата терапија на срцевите заболувања, клиниката располага со најмалку по еден лек од секоја генерика. Доколку пациентот инсистира на свое барање да не го менува лекот кој го примал во редовна терапија, дозволено е истиот да го продолжи.
Истото се однесува и за лековите кои хроничните болни ги земаат за придружните невролошки, ендокринолошки, белодробни и други заболувања.
Би сакале да напоменеме дека капацитетот на работа на клиниката воопшто не е намален, напротив, клинката работи 24 часа, со полн капацитет, како со закажаните пациенти, така и со итните случаи.
Во поглед на тековното одржување на хигиената на клиниката, клиниката има склучено договор со надворешна фирма која во договорени временски интервали врши генерално чистење на клиниката, а секојдневното тековно чистење го извршуваат хигиеничари вработени во клиниката.
На крај би сакале да напоменеме дека ниту еден пациент не останал без потребната грижа и терапија, а мешањето на политика во здравството и водење на кампањи со фрлање дамка врз професионалното работење на Клиниката за кардиологија не е во интерес на пациентите“, се вели во соопштението на Кардиологија.